Дваесет и едногодишна девојка загина, а осум лица се повредени во руските напади врз Кијив од вечерта на 18 октомври и во текот на ноќта. Оштетени се станбени објекти, медицинска и транспортна инфраструктура. Истовремено, додека деноноќно убива цивили, агресорот излезе со предлог за средба меѓу Владимир Путин, Доналд Трамп и Си Џинпинг на која би се кроел „мир“ во формат што не ги вклучува Украина и Европската Унија.
Кијив: Загина девојка, погодени медицински центар и метро
Последиците од нападите се регистрирани во Десњанскиот, Днипровскиот и Соломјанскиот реон. Погоден е медицински центар, а остатоци од соборени цели оштетиле и станбена повеќекатница. Поради оштетувањата на метро-инфраструктурата, станиците „Чернихивска“ и „Лисова“ привремено беа затворени за патници.
Според Воздухопловните сили на Украина, агресорот употребил балистички ракети „Искандер-М“/С-400, крстосувачки ракети „Искандер-К“ и 269 беспилотни летала, меѓу нив 59 со млазен погон. До 09:00 часот по украинско време биле соборени или потиснати 243 дронови и четири крстосувачки ракети. Регистрирани се погодоци на 25 локации и паднати остатоци на уште осум.
Во Ирпин, во Кијивската област, според регионалните извештаи, повредени се шестмина цивили, меѓу нив три деца. Во Днипро е повредена 84-годишна жена, а во Ривненската област две жени; нападите таму предизвикаа и прекини во електроснабдувањето.
Утринската закана стигна и до Лвив. Регионалниот гувернер Максим Козицки соопшти дека дрон бил соборен во близина на градот. Во селото Зубра, паднатите остатоци оштетиле шест куќи и шест автомобили.
Дир: Недостигот од средства за ПВО е критичен
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X предупреди:
„Утрово на 19 октомври Лвив беше нападнат со руски дрон. Во балистичките напади врз Кијив, извршени вчера вечерта и во текот на ноќта, загина 21-годишна девојка, има и повредени. рф непрекинато го напаѓа 🇺🇦 население. Недостигот од средства за ПВО е критичен. Ова не смее да се случува.“
Утрово на 19 октомври Лвив беше нападнат со руски дрон. Во балистичките напади врз Кијив,извршени вчера вечерта и во текот на ноќта,загина 21-годишна девојка,има и повредени. рф непрекинато го напаѓа🇺🇦население. Недостигот од средства за ПВО е критичен. Ова не смее да се случува. https://t.co/5HzPtbVgQs
— Larysa Dir (@dir_larysa) October 19, 2026
Путин сака да крои „мир“ со Трамп и Си, не сака да се соочи со Зеленски и ЕУ
Според The Wall Street Journal, чиј извештај го пренесува Reuters, Путин предложил тристрана средба со Трамп и Си во ноември, на маргините на самитот на АПЕК во Шенжен.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврдил дека се разговара за можноста, но дека нема утврдена средба или агенда. Според американски функционер цитиран во извештајот, Трамп сè уште не прифатил.
Американскиот државен секретар Марко Рубио на 19 октомври, исто така, потврди дека имало разговори за ваков самит, но дека конечна одлука не е донесена.
Ништо за Украина без Украина
Политичкиот проблем е во самиот предложен состав: агресорот би седел на маса со две големи сили, додека државата што ја напаѓа би останала надвор. Изоставувањето на ЕУ дополнително би ги маргинализирало европските интереси во прашање што директно ја засега безбедноста на континентот.
Разговорите меѓу големите сили запирање на агресијата без жртвата на таа агресија не смеат да станат механизам за наметнување територијални отстапки или ограничување на украинскиот суверенитет. Украина мора да биде учесник во одлуките за сопствената иднина. Во спротивно, дипломатијата ризикува да го претвори воениот притисок врз цивилите во преговарачка предност за Кремљ.
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА






