Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, за „360 Степени“ изјави дека тече една прилично организирана кампања за ширење на лажни вести во однос на 5Г.
„Сега сме предмет на една прилично организирана, не би можел да кажам од кој извор, кампања за ширење на лажни вести во однос на 5Г. Се поврзува тоа и со корона вирус итн. Пред 3 недели имавме кампања во која ‘сите врапчиња умреа поради 5Г’. Меѓутоа, факт е дека во моментов во С. Македонија нема активна 5Г мрежа“, вели тој.
Манчевски додава дека од Телеком во тестирањето ја мереле брзината на протокот на информации, количината на информации, како функционира мрежата и слично.
Тој вели дека не очекувал во нашата држава да се јави поголема дебата и дека веројатно ќе има потреба од посебни кампањи за објаснување за што се работи.