Велигден, или празникот на Христовото воскресение е дефинитивно најголемиот христијански празник.
Денот на Христовото воскресение Велигден е не само најголемиот туку и најстар христијански празник што се празнува од вториот век. Тој е суштината на христијанството, потврда и на самата вера зашто како што рекол свети Апостол Павле: „Ако Христос не воскреснеше празна ќе беше и нашата вера“.
Со право повеќемина истражувачи истакнуваат дека ако не постоеше Христово воскресение тоа требаше да се измисли, зашто ако Христос не ја победеше смртта тогаш човековиот живот ќе немаше смисла, ќе беше само едно долго умирање од раѓањето до смртта, но и на човекот во тој период ќе му беше сè дозволено, ќе царуваа неморалот и другите негативни демони.
Всушност, Исус Христос и се јавил во едно такво пресудно време кога зацарувале неморалот и расипништвото и кога човештвото се нашло на беспаќе. Јавувајќи се со своето учење Исус објавил дека е „Пат, вистина и живот“. Но наместо да биде прифатен и величан од страна на тој, од Бога избран еврејски народ, тој ист народ за него побарал распнување како за најголемите разбојници. Зошто Исус не бил разбран и не бил прифатен? Еврејскиот народ кој со помош на Бога се ослободил од египетското ропство, западнал под друго ропство ‒ римското. Тој народ очекувал водач силен и агресивен кој ќе го поведе во борба за слобода. Исусовото учење имало друг карактер, тој проповедал друг пат до слободата и вечниот живот.
Велигден е центар на повеќе празници познати како празници со непостојан датум или како циклус велигденски празници. Нивните датуми коишто се менуваат секоја година се зависни од Велигден и се определуваат откако ќе биде одреден неговиот датум.
Бидејќи Велигден во разни цркви се празнувал на разни датуми царот Константин го свикал во 325 година Првиот вселенски собир во Никеја, на кој се расправало по ова прашање и се донесени некои решенија. Но правилата по кои денес се одредува датумот на кој се паѓа Велигден се дефинирани дури во 526 година. Според овие правила Велигден е секогаш по пролетната рамнодневница во првата недела по полната месечина. Секогаш е во недела, но не смее да се совпадне со денот кога Евреите го празнуваат Пасха, ниту да биде пред него.
(МИА)