Адресата на спам мејлот преку кој e пуштен фалсификуван допис во име на Полицијата на Северна Македонија, а со потпис на државниот секретар на МВР, Магдалена Несторовска, доаѓа од Унгарија. Токму затоа, Твитер заедницата отвори прашање, дали зад овој фалсификат стои азилантот Никола Груевски, поранешен премиер.
Државниот секретар на МВР, Магдалена Несторовска уште утрово сподели на својот Фејсбук профил дека преку мејл се пушта фалсификуван допис, на кој стои нејзиното име, со цел да се предизвика вознемиреност кај граѓаните. Инаку преку него се повикуваат граѓани да дојдат во полициска станица во врска со тековна истрага.
„Ве известувам дека преку електронската пошта циркулира, фалсификуван допис. Истиот не е ниту испратен, ниту потпишан од мене, како Државен секретар на МВР. Се работи за груб фалсифкат со цел да предизвика вознемиреност кај граѓаните !“, напиша Несторовска на ФБ.
Исто така и од Министерството за внатрешни работи предупредија граѓаните да не наседнуваат на вакви измами.
„Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквите измами, а Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР веќе презема соодветни мерки и активности за законско санкционирање на сторителот. Министерството за внатрешни работи не користи електронска пошта за испраќање на покани до граѓани во врска со спроведување на истраги, туку тие покани се испраќаат во хартиена форма, со соодветна процедура“, се вели во соопштението од МВР.
Од МВР апелираат граѓаните воопшто да не ги отварат овие електронски пораки.
И. З.