Информациите што се проширија неодамна дека коронавирусот може да се шири од мртво тело се непотврдени. Она што е сигурно досега е, најновиот одговор на Светската здравствена организаиција за ова прашање, при што се вели дека „освен во случаи на хеморалгична треска (како ебола, Марбург) и колера, мртвите тела обично не се заразни”. Затоа, известување дека е “регистриран првиот случај на пренесување на коронавирусот од починато лице” е информација заснована врз претпоставки и не е потврдена од релевантни институции. Оваа информација е објавена во повеќе медиуми во Косово и во Албанија, јавува Порталб.мк.
За пренесување на коронавирусот од починато лице имаше известување и на крајот на март, по смртта на едно лице во Индија, но беше потврдено дека тоа е дезинформација.
Светската здравствена организација исто така ги негираше информациите дека пиењето алкохол може да помогне во борбата против коронавирусот, „Стравот и дезинформацијата создадоа опасен мит дека консумирањето алкохол може да го убие вирусот КОВИД-19“. Но алкохолот не го прави тоа“, се вели во извештајот на СЗО, пренесува МЕТА.
„Пиењето алкохол претставува опасност по здравјето, а консумирањето етил алкохол со висока јачина (етанол) може да има сериозни здравствени последици, вклучително и смрт“, додава СЗО. Во извештајот на СЗО се вели дека алкохолот го компромитира имунолошкиот систем на телото и го зголемува ризикот од неповолни здравствени последици. Затоа, СЗО ги повикува луѓето да го минимизираат консумирањето алкохол за време на пандемијата.