Месечните извештаи за квалитетот на воздухот во Скопје на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат намалено присуство на ПМ-2,5, ПМ-10 честичките и азотниот двооксид во текот на март 2020 година, споредено со месец март лани, jaвува Мета.
Големото намалување на фреквенцијата на возила во главниот град, заедно со забавеното работење на индустријата, доведе до тоа жителите на Скопје годинава да дишат почист воздух.
Прогласувањето на епидемијата на корона вирусот во земјава ги испразни улиците на главниот град, а мерките за спречување на ширење на вирусот беа дополнително засилени со воведувањето на полицискиот час на 22 март.
Податоците покажуваат значајно намалување на ПМ-2,5 честичките во текот на март 2020 година. Просекот за март 2020 година за среднодневните концентрации на суспендирани ПМ-2,5 честички на мерната станица во Центар изнесувале 24,66 микрограми на кубен метар, односно тие се движат во границата на максимално дозволената концентрација на овие честички во воздухот.
Наспроти годинава, измерениот просек за идентичниот месец лани изнесувал 36,26 микрограми на кубен метар на идентичната мерна станица во Центар. Прикажано во проценти, присуството на ПМ-2,5 честички во воздухот во центарот на Скопје изминатиов месец годинава било за 32 отсто помало во споредба со истиот месец од 2019 година.
Ваквото намалување на загадувањето на воздухот поради празните улици не е регистрирано само во Скопје.
Европската агенција за животна средина објави дека забележала намалување на аерозагадувањето и до 50 отсто во некои од главните градови во Европа, меѓу кои и во Мадрид, Лондон и Лисабон.