пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Одлични се концертите на бендовите и програмата на Град Скопје „Култура во време на Корона“. Уживам деновиве, следејќи супер свирки, светски звук и музика преку добар пренос во живо на Фејсбук. И не сум сам, стотици, илјадници други луѓе следат и се воодушевени од она што го слушаат и гледаат. А многу се прашуваат – зошто не знаеле за овие музичари до сега?
Но, сето тоа – само на интернет и на Фејсбук. Нашите телевизии, радија, „нормално“, не се интересираат за домашните уметници и нивната музика, за овие настани кои им се пред нос.
Има одлични концерти, а на ниту една телевизија ниту радио (освен на пример на медиуми како Лајф радио, кое е редовно исклучок што го потврдува ова тажно „правило“) нема пренос, ниту пак читам или слушам вести или најави поврзани со овие концерти.
Ама, затоа има простор за Звезде гранда и слични врвни „дострели“ од комшиските музички продукции.
Овој пристап не е сегашен, туку е одамна. И си носи „резултати“. Ако се прашувавте каде е проблемот со невидливоста на музичката сцена кај нас, зошто младите повеќе слушаат шунд и турбо фолк, се појасно станува дека не е ниту до музичарите, ниту до сцената. Туку до медиумите и индустријата, окупирани од луѓе без вкус и одговорен однос кон културата и музиката на својата земја.