Германија мора да им помогне на своите соседи во Европската унија да ги обноват економиите откако ќе заврши кризата со корона вирусот, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на средбата со пратениците од нејзиниот политички блок.
Меркел рекла дека за Германија, како земја извозник, клучно е нејзините партнери во Унијата да напредуваат, мислејќи на разговорите за програмата за закрепнување на ЕУ, чии обем и финансирање сè уште не се дефинирани, пренесува Хина.
– Никому не е во интерес само Германија да е силна, истакна Меркел.
На средбата, таа се согласила со шефот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ Ралф Бринкхаус дека Германија ќе мора да префрли значително повеќе финансиски средства во Брисел, а во одлуката за таа помош да биде вклучен и Бундестагот.
Бринкхаус претходно изјави дека Германија сака да им помогне на своите партнери од ЕУ, но дека мора да знае за што ќе се искористат тие средства. Исто така, се очекува следната недела Европската комисија да претстави ревидиран предлог буџет./МИА/