пишува: БИЉАНА ЈОРДАНОВСКА
Независно дали ќе се продолжи вонредната состојба и за колку, со донесените протоколи за целокупниот изборен процес од предизборните активности до денот на гласањето, останува ставот на Владата дека изборниот процес продолжува онаму каде што застанал: 24 дена пред денот на гласање.
Според Роковникот на Државната изборна комисија за предвидените парламентарни избори што беа закажани за 12 април остана да се спроведе изборната кампања, платеното политичко рекламирање, заклучување на Избирачкиот список за внесените промени (во оваа ситуација се претпоставува дека Избирачкиот список повторно ќе биде ставен на увид), замена на кандидат на кандидатска листа, во случај на смрт, како и поднесување и одобрување на барањата за набљудување на изборите.
На 22 март, ДИК кончено, по Уредбата од Владата, официјално ги прекина сите активности поврзани со предвремените парламентарни избори што беа закажани на 12 април. ДИК се обврза да ја чува и обезбедува изборната документација до спроведување на изборните дејствија и изборите кога ќе се создадат услови.
„Единствено нешто на кое во изминатите денови го повторувам постојано е до носителите на одлуки, политичките фактори коишто ќе треба да обезбедат некој политички консензус за одредување на датумот на избори е да внимаваат на Изборниот законик. Секој друг начин на кој што би се одредиле понатамошните чекори со импровизација ќе доведе до делегитимизација на самиот изборен процес и до оспорување на резултатите понатаму на целиот процес… Сега во оваа ситуација кога хипотетички здравствените власти ќе одлучуваат дали се надминати условите за пандемија и истите тие ќе треба да дадат насоки на ДИК на кој начин ќе треба да изработат протоколи за да се спроведат тие процедури затоа што јас како претседател на ДИК и целата Комисија, не сакам да бидеме одговорни за последиците од целиот изборен процес… Ги зборувам овие работи земајќи ги овие факти и треба да се внимава кога се носи таа одлука. Нема политички побуди од моја страна, нема политички мотиви како што некој сака да го претстави“, изјави Оливер Деркоски, претседател на ДИК на 7 мај во интервју за ЦИВИЛ Медиа.
Една недела подоцна, по донесувањето на протоколите од Комисијата за заразни болести што ги презентираше министерот за здравство, Венко Филипче, Деркоски изјави дека само за Избирачкиот список се потребни околу 50 дена.
„Избирачкиот список, кога и да се изборите, ќе го добиеме во иста форма како што го добиваме секогаш откако ќе го дознаеме денот на изборите. Добиваме суров материјал, наредниот ден се декриптира. Затоа велат дека за оваа операција се потребни помеѓу 45 и 50 дена. Јас ги разбирам политичарите и нивните мотиви, но јас морам да го почитувам законот. Јас како претседател на ДИК можам да бидам надгласан од другите членови на Комисијата, но Избирачкиот список се потпишува од сите членови на Комисијата и откако сите ќе се потпишат истиот се заклучува и со тој се оди на избори. Јас таков список нема да потпишам“, изјави Деркоски на „Утрински брифинг“.
За брзи избори се произнесе СДСМ, а истиот став го застапува и Владата, додека ВМРО-ДПМНЕ е некаде на истиот став како и ДИК. Заедничко нешто на сите чинители во изборниот процес е дека здравјето е приоритет.
„На основа на епидемиолошката анализа, којашто е направена, врз основа на конкретни показатели, за тоа дека можно е да дојде до олабавување и тоа и практично се гледа дека доаѓа до намалување на бројот на инфицирани и олабавување, без разлика на тие инцидентни случаи, кои се јавуваат од ден во ден. Меѓутоа тоа ќе биде и основата кога ќе се носи одлуката во делот на изборниот процес дека е добро да имаме што е можно побрзо организирање на избори, за да имаме функционални институции, изјави вчера техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Завчера на лидерската средба политичките партии не постигнаа косензус за датум на избори, се очекува наредната недела на уште една лидерска средба датумот да биде договорен.
Со оваа мислење, протоколот за целокупниот изборен процес од предизборните активности до денот на гласањето, во овие услови на пандемија и со одуката дали ќе се продолжи вонредната состојба или не, се очекува наредната недела лидерите на политичките партии да имаат јасна слика за идеалниот датум на одржување на изборите.
Освен ако математиките на некои им се поинакви…