Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган изјави дека на територијата на целата земја од 23 мај ќе биде воведен четиридневен полициски час, за време на претстојниот празник Рамазан Бајрам, стои во текст на Слободен Печат.
Мерката е дел од превентивите против Ковид-19, а џамиите во Турција ќе се отворат на 29 мај со петочната молитва.
Ердоган одржа прес конференција на која истакна дека „Турција поради Ковид-19 обезбеди финансиска помош за 5,5 милиони граѓани со ниски приходи”, јави агенцијата Анадолија.
Тој додаде и дека училиштата оваа учебна година нема повеќе да отворат, а следната училишна година во Турција ќе започне во септември.
Бројот на новозаразени со корона вирусот во Турција во изминатите 24 часа се зголеми за 1.158, со што во земјата има вкупно 150.593 заразени, соопшти турското Министерство за здравство. Турција е деветта земја во светот според бројот на заразени.
Според Министерството за здравство на Турција, во земјата починале 4.171 лица, додека 111.577 оздравеле.