Вчера Моника Конопова објави информација и фотографии од семејното насилство што го доживеала од нејзиниот татко, кое вклучува претепување, обид за убиство, кршење на нос и вилица.
Денес значителен дел од коментарите, статусите и твитовите вклучуваат поддршка на насилството, оправдување на чинот, исмевање и навреди кон жртвата. Ако се прашувате како може некој да се смее на насилство врз жени или пак да го поддржува, тогаш треба да се запрашаме и кои жени општеството ги смета за недостојни и невредни за поддршка и заштита од насилство?
Моника е активистка за легализација на канабисот, а на социјалните мрежи објавувала фотографии кои дел од јавноста ги смета за провокативни, па затоа според многу го провоцирала и заслужила насилството. Згрозени и загрижени, го осудуваме говорот на омраза кон Моника и одобрувањето на извршеното насилство. Даваме безрезервна поддршка со ставот дека ниедна жена не смее да биде жртва на насилство.