Теренс Флојд, братот на Џорџ Флојд кој беше жртва на полициска бруталност и, според аутопсијата починал од гушење, се обрати на учесниците во протестите со апел да престанат со насилното протестирање, нагласувајќи дека неговиот брат бил мирен и не би поддржал таков начин на искажување незадоволство.
Во обраќањето, Теренс Флојд вели „Знам дека сите сте вознемирени, но не сте ни пола колку што сум јас. Штом јас не сум на улица и не дивеам, штом јас не палам и не разнесувам работи по улици, штом јас не нанесувам штета на нашата заедница, што правите вие? Ништо не правите, тоа нема да го врати брат ми. Исто како и кога пиете, моментално ви е добро, но штом ќе помине сѐ, се запрашувате што сте направиле.“
Во инспиративното обраќање на Теренс Флојд, тој ги повика учесниците во протестите на поинаков начин да го искажат своето незадоволство, како што вели тој, со гласање на сите избори, со образование, вели „така ќе ги победиме затоа што нѐ има многу!“
А. Н. С.