Во време кога во светот владее пандемија, а борбата со национализмот и говорот на омраза сè уште е активна, уметноста е онаа која ни помага да го зачуваме менталното здравје, но во исто време и ни служи како алатка за информирање и подигнување свест. Зоран Кардула е еден од оние уметници кои со својот начин на изразување успеваат да јa потенцираат моќта на активизмот, искажана низ призмата на уметноста. Во неговите дела ги опфаќа сите актуелни проблеми со кои се бориме во овие времиња, и пренесува моќни пораки со кои ја потенцира улогата на уметникот во борбата со општествените проблеми.
ФРОНТЛАЈН: Во времиња кога се справуваме со пандемијата физички, но и психички, одржувањето на духот и позитивната мисла се клучни за нашето ментално здравје. Како креативноста ти помогна да се справиш со општествените проблеми во секојдневието и од каде ја црпиш твојата инспирација? Како твојата креативност, твоите дела, доаѓаa до публиката во овој период?
КАРДУЛА: Пандемијата со Ковид -19 во голема мера го промени животот на светско ниво. Она што ни се чинеше далеку за краток период стигна и кај нас. Се најдовме во ситуација кога секое излегување значи посебно внимание во смисла на почитување на мерките за заштита со што не се се штитиме само себеси туку и здравјето и животот на останатите. Од тука произлезе и обврската сите кои сме општествено одговорни да се вклучиме да помогнеме. Првично секој поединец со почитување на протоколите, но и секој кој знае некаков занает кој може да делува во справување со пандемијата да помогне. Мојот занает е илустрацијата и комплетно во овој период се ангажирав во таа насока, но исто така и моите студенти. До нив упатувам огромна благодарност за нивниот ангажман да илустрираат пораки кои ќе допрат до народот полесно за да ја разберат опасноста како и мерките кои треба да се почитуваат. Секогаш илустацијата, односно визуелиот приказ на информацијата, полесно се апсорбира и полесно стигнува до тој до кого е наменета. Се надевам дека барем со мал дел помогнавме на здравствените работници кои го имаа најголемиот товар и обврска во справување со ситуацијава.
Сосема логично ми беше во моменти кога поради пандемијата многу од проектите на кои работев беа ставени на чекање максимално да се посветам на #седидома со цел да го дадам мој придонес во подигнување на свеста од опасноста која, за жал, не сите ја сфатија сериозно. Но, исто така, во овој период си работев на неколку проекти кои си ги правам од мој ќеф, за личности, настани кои ми значат и сакам да ги овековечам. Така ги креирав портретите на фраерите од руската авангарда кои ги обожавам, па комбинацијата на Волт Дизни хероите како дел од филмските плакати на руската авангарда (спој кој секако е доста чуден) но крајниот резултат многу ме бендиса. Потоа секоја година на денот на Власите постирам портрети и биографија на познати личности кои оставиле своја трага во културата и науката во своите земји, а се дел од оваа етничка заедница. Тука се и портретите на жени од Југославија кои учествуваа во Граѓанската војна во Шпанија, а во овие години комплетно е заборавена ниваната улога и нивната борба против фашизмот.
ФРОНТЛАЈН: Знаеме дека освен уметник, ти си и активист и голем борец за човековите права. За жал, национализмот и говорот на омраза сè уште остануваат едни од проблемите со кои сите активно се бориме. Колку уметноста и активизмот можат да придонесат во борбата против национализмот и говорот на омраза?
КАРДУЛА: Години наназад со оглед на мојот активизам во борба против неправдата, против режимот кој го имавме, против дискриминацијата по било кој основ многу пати се случувало да има закани, да се крадат мои дизајни и да се преработуваат со цел да се дискриминира мојата работа и мојот активизам. Но тоа никогаш не ме поколеба и ми дава уште повеќе мотив да продолжам со мојата борба за правда и подобар живот.
И во овие моменти кога се справуваме со пандемија која носи човечки животи, која носи ризик за крахирање на економија има луѓе кои се обидуваат политички да профитираат пласирајќи невистини и внесувајќи немир помеѓу населението. Тоа се случи и со инфо постерот на мојата ќерка Теано која е дипломиран графички дизајнер и на која сум неизмерно горд дека е општествено одговорна, активист, борец и се’ она што треба да биде еден млад човек. Веќе напишав дека тоа се луѓе кои се олицетворение на злото. Пакосни, неодговорни и искомплекирани луѓе.
Мора да се ставиме над нив со разумност, со почитување на насоките за однесување, да помогнеме полесно да ја поминеме оваа сериозна криза. Сите имаме одговорност и мора така да се однесуваме. Тоа го должиме на нашите деца и генерациите кои доаѓаат. И повторно ќе кажам дека разумот и солидарноста мора да победат.
ФРОНТЛАЈН: Која е општествената одговорност на уметникот во контекст на овие прашања?
КАРДУЛА: Национализмот, расизмот и фашизмот се во подем како во светот, и за жал ние не сме исклучок. Тоа е нешто против што мора секој прогресивен човек да се бори. Тука нема компромис. Уметноста и уметниците не смеат да бидат само неми набљудувачи на вакви девијантни појави во општеството и мора да го кренат својот глас. Тие треба да бидат дел од прогресивноста, но за жал тоа не е така.
ФРОНТЛАЈН: Спојот на креативност и активизам ја создаде Гуш и Бац. Со ова дело се подигна свеста за лицата со попреченост и нивното прифаќање и интеграција во општеството. Кои се ефектите што се постигнаа до сега? Какви планови имаш за во иднина и како медиумите можат да се вклучат во ваквите проекти?
КАРДУЛА: Тоа е проект кој многу го сакам, проект во кој се ангажираа 33 уметници и така стана реалност. Овој проект имаше за цел да се подигне свеста за децата и лицата со аутизам. Тоа е категорија која често е невидлива во нашето општество и дискриминирани по многу основи. Гуш и Бац најде голем и позитивен одзив кај сите не само во нашава земја туку и во соседните. Луѓето почнаа да ја разбираат и да ја поддржуваат нашата борба за целосна инклузија во општеството. Голем број на родители на деца со аутизам после издавањето на книгата и нејзината промоција се ослободија од товарот кој го носеле, затворени во себе и борбата да прифатат дека имаат дете со аутизам и дека мора да се борат за правата на своите деца. Голем придонес за кревањето на свеста за аутизам нормално имаше и медиумската поддршка од сите и во таа насока треба и да се продолжи.
Моето искуство е дека има напредок во перцепцијата за постоењето и потребите на децата и лицата со нетипичен развој. Чекориме споро, но сепак се придвижуваме. За жал има уште многу работа и многу да се направи за да и тие осетат дека се дел од ова заедница и дека ги имаат истите права како секој друг. Борбата продолжува и се надевам дека повторно заедно ќе направиме уште некој ваков убав проект.
Делата на Зоран Кардула може да ги погледнете тука.
Искра Ежова