Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска на прес конференција зборуваше за неговата идеја за прв премиер Албанец, но и покрај бучните најави од нивните симпатизери, на крај сепак немаше име на мандатар. Во неговата изјава, Ахмети го опиша премиерот со пофалби и убави зборови, но сеуште не знае кој ќе биде кандидатот.
Северна Македонија е нашата земја. Местото за кое се боревме. Имаме еднаков удел во историјата, наследството, економијата и иднината на нашата земја. Сега е време за целосна еднаквост, за преземање одговорност за водење! Време е за првиот албански премиер во Северна Македонија! Оваа идеја нема никаква врска со ДУИ и секако не со мене. Јас сум тука да го продолжам животот на процесот, да го водам концептот, да станам мост и да го трасирам патот, создавајќи услови за реализација на сонот, додека на вас останува да го спроведете. Јас ќе посеам за да можете да жнеете, изјави Ахмети.
Претходно по социјалните мрежи, симпатизери и портали блиски до ДУИ објавија име на истакнат бизнисмен Албанец, но на крај испадна дека информацијата била лажна вест или нечија лична желба.
А. Зеќири