Во изјава за „360 степени“, првиот парламентарец посочува на Уставот, според кој избори распишува претседателот на Собранието. И додека Деркоски чека ново решение од Џафери, од СДСМ неофицијално велат дека каква било негова одлука сега би била неуставна.
Додека претседателот на ДИК Оливер Деркоски го чека првиот парламентарец да потпише ново решение за изборите, со нов изборен датум Џафери ги чека партиите да постигнат консезус за изборниот термин, по што, како што вели, ќе ја исполни својата законска обрска.
Во куса изјава за „360 степени“, Џафери посочува дека тој ги распишал изборите на 12 април, врз основа на консензусот што го постигнале партиите за избори на тој датум и за распуштање на Собранието на 16 февруари.
„Се знае според Уставот кој распишува избори. Јас како претседател на парламентот ги распишав изборите на 12 април, кога ме информираа дека има консензус. Нека постигнат консензус и ќе ја исполнам својата уставна обврска“, изјавил Џафери.
Од раководството на СДСМ, пак, неофициајлно велат дека „секое решение на Џафери е сега неуставно“, алудирајќи веројатно на тоа дека претседателот на парламентот тврдеше дека Собранието, по распуштањето, нема мандат да се состане повторно, ниту за да прогласи вонредна состојба, ниту за да ги потврди одлуките на претседателот Стево Пендаровски.
Од СДСМ сметаат дека нема потреба од ново решение за избори, со оглед на тоа што владината уредба е донесена врз основа на решението за избори на 12 април и со неа се утврдени 22 дена за заокружување на изборниот процес по завршување на вонредната состојба.