Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР не сака да навлегува во политичките превирања во Северна Македонија кои го доведуваат во прашање одржувањето на изборите на 5 јули, јави Дојче веле на македонски јазик, пренесувајќи изјава на портпаролка на Организацијата.
ОБСЕ во Северна Македонија ќе испрати тим експерти чија база ќе биде во Скопје и тие ќе ги следат сите аспекти на изборниот процес, велат од Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) при ОБСЕ.
„Специјалната мисија за оценка на изборите е составена од тим од експерти, вклучително и политички, правни и медиумски аналитичари“, вели за ДВ портпаролката на ОБСЕ/ОДИХР Катја Андруш.
Таа објаснува дека во првично планираната Мисија за набљудување на изборите дополнително би членувале и долгорочни и кусорочни набљудувачи кои ги испраќаат другите земји членки на ОБСЕ. Поради пандемијата на коронавирусот, тоа сега не е можно. Иста мисија како за Северна Македонија, ОДИХР планира и за изборите во Србија следниот викенд.
ОДИХР објави конкурс со кој бара тим на експерти од различни области кои треба да ги следат вонредните парламентарни избори во земјата на 5 јули. Меѓународните набљудувачи се очекуваат во земјата по 19 јуни.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предложи денеска кампањата да почне следниот ден откако во земјава ќе пристигне мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, така што изборите би се одржале во средината на јуни.
И покрај најавите дека мисијата на ОБСЕ/ОДИХР доаѓа околу 19 јуни (или на крајот на следната седмица), така што би бил исполент „условот“ за избори на 8 јули, Мицкоски рече дека станува збор за оценувачи, а не за набљудувачи.
Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР доаѓа во земјава на покана на Владата, откако претходно, поради ковид-кризата, ја суспендира мисијата што требаше да ги набљудува избоите на 12 април, кои, исто така, беа прекинати.