Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес соопшти дека е постигнат договор со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули.
Опозиционерот Мицкоски инсистираше изборите да бидат подоцна од предложениот датум 5 јули, па Заев во своето обраќање по постигнувањето на договор истакна дека за да им се овозможи на ВМРО-ДПМНЕ да ја покажат својата одговорност, 15 јули го договориле како датум за одржување на изборите.
15 јули, среда, неработен ден за сите граѓани, ден за гласање, ден за одлуки и за спас на државата од кризата во која влеговме.
За да не страда народот и за да им се овозможи на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на дело да ја покажат својата одговорност, го заклучуваме 15 јули како конечен, последен и единствен датум за избори на кои гарантирано ќе учествува опозицијата. Бараа средината на јули – еве им средина на јули.
Се знае кој и во минатото бил најодговорен пред народот и државата, така и овој пат СДСМ ја покажува својата големина, разбирање и одговорност, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев во своето обраќање.
А. Н. С.