ВМРО-ДПМНЕ веќе одамна е на терен. Нивните активисти споделуваат фотографии на социјалните мрежи на кои се гледа дека ретко кој од присутните ги почитува мерките за заштита од коронавирусот. Истовремено, оваа партија непрестано шири црна пропаганда со која ги обележуваат и стигматизираат функционерите на СДСМ во контекст на коронавирусот.
Коронавирусот, пак, нема да поштеди никого што не се придржува до мерките за заштита од коронавирусот. А ВМРО-ДПМНЕ повеќе пати потврди дека петпари не дава за мерките. Тоа го покажуваат бројните фотографии и снимки од нивните активности на терен. На едната фотографија дури и се гледа како Мицкоски се ракува со дете, што е и сериозна злоупотреба на деца во политичка кампања, но пред сѐ е небезбеден контакт.
Се дознава дека Миленко Костов, член на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ е позитивен на КОВИД-19. Се дозна дека и мајка му на партискиот челник, Мицкоски, е позитивна. Неколку локални функционери на ВМРО-ДПМНЕ, исто така. Се поставува прашањето, колку функционерите на оваа партија треба да одат во самоизолација, а колку треба да одат на терен. Дали раководството на ВМРО-ДПМНЕ е во ризик? Ако Комисијата за здравство им е позитивна на КОВИД-19, што ќе остане за другите?
Аргументот на Мицкоски дека немал контакт со мајка му, па не мора да оди во самоизолација е малку чуден, но ако тврди дека е така, тоа е негова семејна работа. Но, во секој случај, Мицкоски не е единствен функционер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кој се однесува неодговорно и се доведува себеси и сите околу него во сериозен здравствен ризик. Останаа нерешени случаите „Теретана“ и „Кафана“, а секојдневно го гледаме Мицкоски и други вмровски функционери и активисти на маалски партиски собири на кои има сѐ само не почит за мерките за заштита од коронавирусот.
Д. Е.