Во продолжение на аудиото на кое се слушаат гласовите на Христијан Мицкоски, Зоран Милевски Кичеец и Слободанка Алексовска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ признава дека долговите на партијата кои ги наследил од претходникот Никола Груевски, му ги подмирил Орце Камчев. Мицкоски им се жали на соговорниците дека партијата ја наследил со финансиска криза, парното било пред исклучување, немало вода и струја, немало кабелска телевизија и затоа му е благодарен на Камчев и на уште неколкумина кои помогнале ВМРО ДПМНЕ да ја надмине таквата состојба.
Овој дел од разговорот потврдува дека Камчев, сепак, бил своевиден финансиер на ВМРО-ДПМНЕ, она што партијата и Мицкоски упорно се трудат да го негираат пред јавноста. Ако Камчев давал пари во ВМРО-ДПМНЕ за да покријат комунални трошоци, тогаш е сосема извесно дека тој ги финансирал и изборните кампањи, односно овозможил услови тие кампањи да се спроведуваат.
Понатаму, Мицкоски на соговорниците Кичеец и Алексовска им зборува дека тој и неговата партија се единствените кои се борат против Законот за Јавно обвинителство затоа што со него ќе продолжи процесирање на досието „Империја“, покренато од СЈО, за финансиската пирамида на Камчев и уште неколкумина негови соработници и бизнисмени. Со ова се потврдува дека Мицкоски и Камчев си ги штителе личните интереси преку нивната соработка, едниот да плати партиски долгови, другиот да го опструира законот со цел Камчев да не одговара за финансиски криминал.
Претходно, од објавеното аудио на интернет, се дозна дека Мицкоски го посетувал Камчев во неговиот дом, што укажува на нивната блиска соработка. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се слуша на снимката, раскажува дека неговото возило е снимено како пристигнува кај Камчев, затоа што во тој период бизнисменот бил под ПИ мерки.
Од снимката се добива впечаток дека Мицкоски е близок соработник и со Кичеец, затоа што му зборува за доверливи информации. А тоа што му го изнесува, пак, потврдува дека Мицкоски и Камчев, исто така, се во добри односи. Сето ова упатува на прашањето: Која е улогата на Мицкоски во случајот „Рекет“? Камчев и Кичеец се едни од главните протагонисти во предметот, а при тоа биле во тесна релација со Мицкоски.
После новите аудио снимки, Мицкоски нема ниту едно оправдување и понатаму да го прозива лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за некаква вмешаност во случајот. Јавноста дозна дека токму Заев го пријави криминалот кај надлежните институции. Сега јавноста очекува од Мицкоски да објасни каква е неговата улога во аферата „Рекет“. Веројатно, тие прашања ќе му ги постават и истражните органи.
Д. Е.