Коалицијата на СДСМ и Беса „Можеме“ води пред коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат резултатите од анкетата на американскиот Национален демократски институт (НДИ) спроведена во јуни.
На прашањето за кого ќе гласаат ако изборите се одржат денеска, 24,8 отсто од испитаниците се изјасниле за коалицијата „Можеме“, а 21,2 отсто се изјасниле за колалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. За ДУИ се изјасниле 7,2 отсто, а за коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива 5,7 отсто.
Во однос на довербата во лидерите, граѓаните најмногу му веруваат на Зоран Заев со 40%, а Христијан Мицкоски заостанува речиси дупло зад Заев со 28%. Зијадин Села ужива поголема доверба пред Али Ахмети со 17 наспроти 15%, колку што има и Билал Касами а 11% се наклонети кон Африм Гаши.
Дека сирурно ќе гласаат на претстојните парламентарни избори се изјасниле 40 отсто од испитаниците, а 29 отсто од нив рекле дека веројатно ќе гласаат. Четириесет и еден процент од сите испитаници изразуваат загриженост во врска со демократските стандарди на изборите. Од анкетираните граѓани 46 проценти изразуваат загриженост во врска со здравствените мерки за заштита.
Од лицата кои се изјасниле дека нема да гласаат на зиборите, најголем дел или 22 отсто рекле дека нема да гласаат поради страв од КОВИД – 19, 15 отсто рекле дека ќе ги бојкотираат, а 12 отсто дека тоа нема да го направат поради незадоволство и разочараност од сите партии.
НДИ ја спроведе анкетата на јавното мислење на терен, преку интервјуа лице в лице, од 12 до 21 јуни на национален репрезентативен примерок од 1.213 испитаници кои имаат над 18 години. Податоците од анкетата не го предвидуваат изборниот резултат, нагласуваат од Институтот.
Предвремените парламентарни избори треба да се одржат на 15 јули. Првично требаше да бидат одржани на 12 април, но беа одложени поради почетокот на пандемијата од КОВИД – 19.
Ј. Ѓ.