пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
На здравје бричење… Со струја, ама поскапа. Јес да е 100 денари на сметка од 1.500 и тоа на многумина не им изгледа многу, ама кога ќе погледне човек наоколу, ќе види дека владите носат решенија за ослободување од плаќање или намалување… Овде, поскапување, чиниш најбогати сме од сите.
Оливер Спасовски вели дека СДСМ ќе започне со разговори за формирање влада по празничниот викенд. Избори наесен? Само пусти сништа на Мицкоски или, небулози, што би рекол Спасовски.
Мисајлоски си праша кој ќе биде премиер на новата влада. Не му одговори ни сегашниот, ниту идниот (на одмор е).
Мијалков продолжи да го „шамара“ Мицкоски. Бара од него да си оди од челото на партијата, затоа што е неспособен и сè по ред. Во меѓувреме, Мицкоски започна да волонтира во судот и ги потсетува судиите кога треба да закажат рочиште за предмети во кои Мијалков е обвинет.
По објавувањето на списокот со фирмите што ја злоупотребиле државната помош за време на здравствената криза со коронавирусот, вицепремиерката Царовска најави и санкции. Додека се подготвува „правната рамка“ за санкции, може да го погледнете југословенскиот филм „Živi bili, pa vidjeli“ (Загреб филм, 1979 година, музика: Булдожер).
ДИК деновиве чека гости. Јавно обвинителство, Агенција за заштита на личните податоци… Кој е на ред?
Јавноста пресече, Шилегов послуша: нема да дозволи рушење на Универзална.
Грчев повикува на рушење на Порта Македонија и Куќата на Мајка Тереза, а останатите споменици да се дислоцираат. Лајк! За ова говориме половина деценија, ама кој да послуша… Частам торта во облик на Шампитата на вемеро, ако се случи тоа. Градот убав пак ќе никне!