Продолжува истекувањето на информации за оркестрацијата на одбраната на Мицкоски.
Очигледно е дека голем дел од структурата на ВМРО-ДПМНЕ очекува оставка од Мицкоски, така што ја споделуваат интерната комуникација на партијата.
Тие, едноставно, не сакаат да бидат дел од обидите тој да се спаси. Во најновото истекување, се гледа комуникацијата меѓу партиските функционери, за спас на партискиот шеф од одговорност за поразите во кои ја води партијата од 2017 година кога дојде на чело на партијата.
Денеска во пораките спомнуваната Марина Кавракова, Претседател на Градски комитет Скопје на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и член на Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес преку соопштение ги коментираше актуелните случувања во партијата и побара оставка од Христијан Мицкоски, како и свикување вонреден конгрес.
„Мицкоски нѐ уверуваше дека победата само што не дошла. Се сервираа нереални анкети во кои убедливо водевме. За жал се покажа дека тоа било само лажна надеж, купување време и мир во партиската структура. Се покажа дека Мицкоски бил лажна надеж. Се покажа дека нема капацитет да ја консолидира партијата, наместо тоа тој го подели членството на кредибилни и некредибилни, на инфицирани и неинфицирани … Се покажа дека тој не може да ја врати партијата на победничките патеки. Денес, од оние фамозни три столба кои сам си ги постави како услов за успех, не исполнува ниту еден од нив. Токму затоа е време за оставка и за свикување вонреден конгрес,“, се вели во писменото соопштение на Марина Кавракова, Претседател на Градски комитет на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно беа обелоденети и пораки од Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, во комуникација со сопартијки преку платформата Телеграм ги повикува активно да објавуваат статуси на социјалните мрежи од своите профили и од официјалните профили на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на Христијан Мицкоски.
Ова доаѓа во време кога позицијата на Мицкоски како претседател на партијата е под закана, со оглед на тоа што сѐ поголем дел од членството бара одговорност и оставка од него по загубените избори. Имено, оставка во случај да изгуби или не успее да формира влада најави и самиот тој, а неговите приврзаници во партијата убедуваат дека тој е легитимно избран претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Д. Е.