Со сослушување сведоци денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да продолжи судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, пренесува МИА.
За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци се обвинети шест лица. Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
На денешното рочиште треба да биде сослушана уште една повредена патничка, како и други пет сведоци, меѓу кои и очевидци на настанот.
Во случајот се обвинети сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.