од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Како што се плашат од избори, се плашат уште повеќе од една изборна. А една изборна е простор каде што секој глас на секој граѓанин е ефектен и каде е ефектна и волјата на секој гласач. Е, да, големите ќе загубат по нешто од својата децениска моќ. За малите пак, мали се зашто така не решиле тие туку гласачите. Не заслужуваат протекција. Меѓу нив и солисти, побаеги нереално амбициозни и некорисно присутни во политиката. Партии фамилии кои две, три децении се павтаат наваму натаму по плурализмот. Но нејсе, демократија е, нели.
Во основа е вредно, многу вредно, проектот една изборна да успее. Македонија да биде единствена гласачка територија. Секој глас од секој гласач да има своја директна партиска или персонална сатисфакција. Фер и демократски. Не поради малите партии на амбициозните поединци, туку баш за демократијата. И мотив плус за граѓаните. Да не пропадне ниту еден глас, ниту едно излегување на избори да не биде само абење чевли.
Збор два за темата, за дарежливоста на СДСМ и за себичноста на ВМРО-ДПМНЕ. Теоријата вели дека алтруизмот, всушност, не е грижа за послабиот, туку одраз на себичност. Во суштина, СДСМ не сака една изборна. Но еве сака да биде голема и во очите на малите. Застана зад иницијативата што, впрочем, беше и нејзино предизборно ветување. Ако тогаш сакаше да се додвори на малите за гласови и коалиции, сега нема мрдање. Треба да си стои на зборот, па, кому иде. Со моделот една изборна, нормално, и ќе загуби по некој пратеник. Но партијата, ризично и мудро, веројатно калкулира тоа да го компензира со својата постизборна коалициска моќ.
ВМРО-ДПМНЕ пак, останува тврдо на ставот дека не ја дава предноста со сегашниот изборен модел наклонет на големите. Партијата не сака да ризикува. Впрочем, форсирајќи го популизмот, таа никогаш досега ништо и не рескирала. Секогаш друг ѝ ги туркал сите непопуларни, но нужни одлуки за државата. И за фиром на времето, и за рамковниот, потоа и за преспанскиот и за јазиците од неодамна. Така и ова со изборниот модел сега.
Преземено од ЦИВИЛ Медиа. Кликнете тука за повеќе.