Извесен Предраг Петровски искажува експлицитен говор на омраза на Фејсбук страницата на Фронтлајн, во коментар после текстот од Денис Јанкуловски со наслов: Маски и дистанца се надевам привремено, совесност и внимателност ЗАСЕКОГАШ!
„Да умриш да даде господ ти и твоите дома“ е коментарот на извесниот Предраг Петровски, кој од она што може да се забележи од неговиот Фејсбук профил, не се работи за измислен профил, туку за конкретен човек.
Големиот хуманитарец и граѓански активист Денис Јанкуловски, е медицинско лице и секојдневно директно е изложен на ризикот од корона вирусот. Тој грижата за здравјето на луѓето, континуирано ја искажува на својот Фејсбук профил преку апели за почитување на препораките за заштита, но она што е карактеристично за него, е онаа нишка на ведрина и топлина со која се обидува да ни го разубави секојдневието.
Редакцијата на Фронтлајн го контактираше Јанкуловски и му искажа длабоко жалење што преку нашата фејсбук страница е пласиран тој коментар со говор на омраза кон него.
Јанкуловски во видео порака за Фронтлајн, порачува ваквите како овој едноставно само Shift+Delete+IGNORЕ. „Тешко се победува човечката глупост и бедотија“, вели Денис во видео-пораката.
Коментарот е избришан, Предраг Петровски е баниран и пријавен според правилата на Фејсбук.
Јане Ѓорѓиоски