пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
(продолжение од првиот дел, објавен на 23 окт. 2020)
Ова е вториот дел од прашањата за интервју со г. Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Како што беше објавено претходно, во првиот дел, се објаснува и причината за оваа јавна покана. Повеќе од една и пол деценија, со мали и ретки исклучоци, партијата што ја предводи г. Мицкоски не одговара на бројните прашања за нивните политики и практики. Сметам дека е редно, да се стават дел од прашањата кои се поставени во последните две години. Јавноста има право да ги знае одговорите на овие и на многу други прашања. Еднаш, во видео колумна, кажав дека неодговорените прашања се како нерешени убиства. Тие случаи никогаш не застаруваат.
Па да продолжиме со прашањата до г. Мицкоски:
Господине Мицкоски, какви се Вашите лични и политички врски со Златко Ковач? Дали партијата што ја раководите ги користи неговите услуги?
Дали се точни тврдењата дека во партијата има посебни тимови за продукција на лажни вести, дезинформации и говор на омразата? Во таа смисла, дали трол фабриката на ВМРО-ДПМНЕ е навистина сместена на шестиот кат во седиштето, како што се тврди во одредени кругови? Кој ги раководи и со кои човечки и финансиски ресурси располага партијата за да ги спроведува овие операции? Доколку навистина се спроведуваат, од каде се финансираат овие операции и дали се одвоени од операциите со кои, наводно, се финансираат медиумите од Москва, преку Будимпешта и други центри?
Дали партијата има план за борба против лажните вести и дезинформациите? Дали постои стратегија за борба против хибридните напади врз демократијата или Вашата партија и Вие сте задоволни со стратегијата на Владата на г. Зоран Заев?
Дали ВМРО-ДПМНЕ има план да излезе од мултимилионскиот долг и во што се состои тој план? Како се финансира партијата во услови на долг од осум милиони евра?
Колкава е вредноста на директните и индиректните договори на Орце Камчев и неговите фирми, како и фирмите под влијание на Камчев, со фирми и медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ и од каква природа е врската меѓу Вас, Груевски и други високи функционери на партијата во периодот од јануари 2017 до денеска? Со колку пари Орце Камчев ја финансираше претседателската кампања на ВМРО-ДПМНЕ во 2019 година?
Дали било кој функционер на ВМРО-ДПМНЕ е поврзан со мега скандалот со финансирањето на македонските медиуми ТВ Алфа, Курир, НетПрес и Лидер со црни пари во вредност од 2,5 милиони евра, од Будимпешта (Орбан) преку Љубљана (Јанша)? Ако да, на кој начин? Што мислите за овој скандал?
Како дојде до „дупка“ од три милиони евра во финансискиот извештај од изборите во 2011 година и 400.000 евра во 2019 година? Кој е одговорен за овие фрапантни суми народни пари што не се оправдани? Каков е одговорот на Вашата партија по овие прашања?
Какви се релациите на ВМРО-ДПМНЕ со руската амбасада? Дали и за што партијата добива посредна или непосредна техничка и финансиска помош од Русија? Од што се состои соработката на ВМРО-ДПМНЕ со партијата ФИДЕС на Виктор Орбан? Каква е релацијата со СДС на Јанез Јанша, кој лежеше в затвор за примање мито и беше условно осуден поради груба навреда на новинари?
Кој е планот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на Преспанскиот договор, имајќи го предвид односот на партијата и министрите назначени од Вашата партија за време на техничката влада од јануари до јули 2020? Дали партијата, со негирањето на Преспанскиот договор, всушност, открива дека постои план да го напушти членството на НАТО и да ги напушти преговорите со ЕУ? Ве молам, бидете искрени и конкретни.
Што разговаравте со Груевски во Будимпешта во ноември, 2019 година? Дали освен лекарски упат за преглед на синусите, Александар Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ имаше и партиски упатства за средба со Груевски во Будимпешта во декември, 2018 година? Дали ВМРО-ДПМНЕ добива финансиска помош од Груевски?
Колку функционери на ВМРО-ДПМНЕ имаат бугарски или друг пасош? Дали тоа е в ред?
Дали и што му предадовте Вие или некој друг функционер на партијата за време на средбата или средбите со словенечкиот политичар Лорис Гајсер? Кој од партијата и каков материјал испратил до италијанскиот весник „Ла Верита“ и зошто истиот материјал прво не е испратен во Јавното обвинителство? Има ли партијата аргументи и докази со кои може да ги поткрепи своите тврдења за Јавното обвинителство, посебно за Љубомир Јовески и Вилма Русковска? Со кои документи од тајна истрага мавташе Мицкоски на прес конференцијата во септември 2019 година и како продолжи комуникацијата со Јавното обвинителство по ова прашање?
Кажете ни нешто повеќе за идејата за 120 изборни единици. Како дојдовте до оваа бројка? Со кои експерти од партијата се работеше на оваа идеја?
Зошто Вашата сопруга користеше службено возило на партијата, шофер и партиски телохранители за да оди на работа минатата година? Дали можеби постоеше тогаш, а и сега, некаква опасност и дали со тоа не треба да се занимаваат властите, а не партиското обезбедување? Дали ова не е злоупотреба на ресурсите на партијата?
Ве молиме, известете нѐ час поскоро дали и во кој формат имате намера да ни одговорите.
Во меѓувреме, ќе ја провериме нашата комуникација со Вас и ќе ги формулираме и преостанатите, неодговорени прашања. Се разбира, очекуваме од Вас да ни одговорите и на прашања што ќе произлезат и во меѓувреме, а во текот на интервјуто, доколку се согласите на видео формат, би сакале да ја имаме можноста да Ви поставуваме и потпрашања.
Ви благодарaм.