Конкретни информации, мерење на сите високозагадувачки супстанции, информирање и известување на граѓаните, тесна соработка и координирани активности помеѓу локалните и централните власти се основните потребни факти за решавање на проблемот со аерозагадување. Тоа се главните заклучоци од средбата организирана од Еко-свест и ФЕС канцеларијата во Скопје на која активисти од граѓанската иницијатива Polish Smog Alert ги споделија своите предизвици и искуства во соработката со локалните и централните власти во насока на изнаоѓање решенија за аерозагадувањето.
– За време на нашето истражување, прво почнавме само да ја информираме јавноста во Краков за високите нивоа на загадувачи во воздухот кој го дишат. Потоа ги едуциравме за последиците врз здравјето од загадениот воздух, особено поради согорувањето на отпад, јаглен и дрва за загревање на домаќинствата во градот. Добивме голема поддршка од експерти и медицински лица меѓутоа и од жителите на Краков. Ова резултираше со донесување законска забрана за затоплување на домаќинствата на територијата на Краков со јаглен и дрва, објаснила Ана Двораковска од Polish Smog Alert.
На оваа законска забрана и претходело обезбедување финансии за замена на загревањето на социјално загрозените жители, процес кој преку субвенционирање на грејните тела веќе започна и кај нас. Токму затоа, како што потенцирала Двораковска, носење ваква законска забрана во моментов би бил значителен чекор напред во борбата со аерозагадувањето во пренаселените урбани средини.
– Можеме да бараме вина за аерозагадувањето, но најдобро е да побараме решенија. Соработката помеѓу сите чинители на централно и локално ниво е клучна во процесите на носење регулатива и политики за справување со аерозагадувањето, навела Ивана Вучкова од ФЕС Скопје.
-Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини кој беше присутен на средбата изрази силна желба за понатамошна соработка со полските институции, но и невладиниот сектор во насока на пресликување на успешните примери за подобрување на квалитетот на воздух, стои во соопштението
Според извршната директорка на Еко свест Ана Чоловиќ Лешоска, во време на светска криза која ни даде црвено светло и не освести за здравјето на луѓето и за различните влијанија на загадувањето во комбинација на ширењето на вирусот Ковид-19, се покажа дека тоа е голем удар врз здравјето, а тоа го потврдуваат и докторите, така што време е во земјава за построга регулатива и за повисоки стандарди за квалитетот на воздухот кој го дишеме.
– Започнавме разговори со надлежните институции во однос на можноста да се воведе забрана за согорување јаглен во домаќинствата врз основа на истражувања кои беа направени врз изворите на загадувањето во Скопје. Одржавме работилница со сите надлежни институции на која главниот заклучок беше дека постои интерес да се воведе забраната, врз основа на што изработивме предлог решение, нацрт закон која може да се разгледува самостојно или да се инкорпорира во други постојни закони- истакнала Чоловиќ Лешоска.