Вчера и денеска Скопје беше домаќин на Форумот на министрите за правда и за внатрешни работи од земјите членки на Европска Унија и Западниот Балкан.
На денешната сесија министрите за внатрешни работи ја заклучија потребата за стандардизирани безбедносни и правни системи, со цел да се обезбеди мир и сигурност за граѓаните. Главни теми на денешниот форум беа миграцијата, борбата против криумчарењето бегалци, граничниот менаџмент и справувањето со организираниот криминал.
„За поуспешно справување со сите овие предизвици, учесниците заклучија дека потребна е заедничко делување и соработка меѓу земјите од регионот и тие од ЕУ. Треба да го разбиеме синџирот на криумчарење мигранти и да ги заштитиме оние ко се цел на тие криминални активности. Подоброто заедничко менаџирање на границите е исто така клучно. Од мај годинава, ЕУ распореди свои тимови за да и помогнат на Албанија подобро да ги чува своите граници. Неодамна потпишавме граничен договор со Црна Гора, а набрзо таков ќе биде потпишан и со Србија”, рече еврокомесарот за внатрешни работи, Димитрис Аврамопулос.
На форумот се дебатираше и за тероризмот како и за предземените мерки за спречување на опасноста од повратниците од источните воини жаришта како Сирија, Ирак и Авганистан. Министерот за Внатрешни Работи, Оливер Спасовски нагласи и дека во нашата земја веќе се водат кривични постапки против учесниците на тие војни. А за нивните најблиски како жени и деца, Спасовски нагласи дека потребна е репатријација во државата за што се изготвува посебна програма за ресоцијализација.
„Управувањето на границите и борбата против криумчарењето мигранти остануваат наши заеднички приоритети и за ЕУ и за Западен Балкан. Затоа се обврзавме да ги решиме овие проблеми преку задграничната соработка. Тероризмот претставува глобална закана, а особено враќањето на борците од странските воени зони”, изјави Спасовски по завршување на Форумот.
Министерката за внатрешни работи на Финска, Марија Охисало, рече дека за сите овие области е потребна соработка а оваа ке биде приоритет на Финското претседавање.
„Миграцијата, граничната безбедност, насилниот радикализам и организираниот криминал се области каде треба заедно да работиме. За финското претседателство, зајакнувањето на заедничките вредности, владеењето на правото и заштитата на граѓаните се клучни”, рече Охисало.
А.Зеќири