Очекувано, Комисијата за надворешни работи при германскиот Бундестаг, вечерва усвои препорака до парламентот да се изјасни позитивно за Северна Македонија и Албанија да добијат датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Ова се одлични вести за двете земји, имајќи предвид дека Германија е највлијателната и најмоќната земја на Унијата.
Оцените за напредокот на нашата земја во сферата на реформите и демократизацијата на вечерашната сесија во Комисијата биле високи и позитивни, а поддршката била практично едногласна. Албанија, која ќе добие препорака од Комисијата за надворешни работи, ни оддалеку не поминала толку долго, но на крајот, сепак, исходот бил позитивен.
На 18 октомври, Советот на Европската Унија ќе донесе конечна одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Во Европа преовладува позитивниот тон во однос на Северна Македонија и повеќето европски лидери ја искажуваат својата голема поддршка за нашата земја. Со право може да се очекува дека Северна Македонија ќе го добие зеленото светло за започнување на преговорите, додека за Албанија се очекува, доколку добие датум, тој да биде придружен со долг список на услови што треба да ги исполни албанската влада.
Документот што ќе ја формулира германската позиција во Советот на ЕУ беше финализиран претходно, а беше основа за оваа позитивна одлука во Бундестагот и вечерва, а така ќе биде и деновиве кога ќе се гласа во парламентот. Речиси е сосема извесно дека и парламентот само ќе ја преслика позитивната оцена за нашата земја, имајќи предвид дека поддршката доаѓа од двете најголеми парламентарни групи , ЦДУ / ЦСУ и Социјалдемократската партија.
Се очекува Северна Македонија да ги започне преговорите уште во јануари, доколку Советот на ЕУ даде согласност за тоа на 18 октомври.
Џ. Д.