Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Многу често кај нас се провлекува една фраза именувана како „Македонски парадокс“. Но ако го погледнеме историскиот контекст, тоа не е македонски, туку конкретно лоциран парадокс за една групација што има историски значајна улога за нашата држава, но која за жал, во минатото, а посебно денес има еден „опаш“ на себеуништување и самопрогонување.
За таквите приказни навистина да ги оставиме само во историските архиви и конечно да го фативме курсот кон Европа и светот, некои помеѓу нас ќе треба уште бааѓи да поработат на себе и контра овие синдроми што за жал нив сè уште ги прогонуваат.
Овде, ќе се задржам на еден многу свеж и еклатантен пример и обид за прогонување на успешен светски а наш стартап бизнис – компанијата „ПауерАд“, која на прес на ВМРО-ДПМНЕ беше распната со обвинувања дека Фондот за иновации и доделил средства на компанија, која наводно имала сомнителни сопственички удели.
Што е ПауерАд?
ПауерАд е старт-ап компанија која воведува иновативен начин за рекламирање, кој предвидува заработка и за возачите и за оние што се рекламираат. ПауерАд е компанија во која се вработени млади луѓе од различни профили и квалификација, кои ги обединува духот на инвентивноста, креативноста и желбата за реализирање на една успешна приказна во светот на светскиот иновативен бизнис, а со тоа и пласирање на нашата држава како плодно тло за развивање и реализација на храбри бизнис идеи.
Кој е ПауерАд во светот на иновативниот бизнис?
ПауерАд, во конкуренција на повеќе од 1.000 стартапи, е селектиран во групата на 50 напредни конкурентни старт-ап бизниси од целиот свет на форумот на најголеми приватни инвеститори избран од Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, одржан во Истанбул .
Во таа пригода, Леонид Наков – Сенаторот на WBAF (Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели) за Македонија, ќе изјави: – „Целосно сме убедени дека овој успех ќе охрабри и многубројни останати македонски носители на иновативни и конкурентни идеи да ги развиваат своите развојни проекти според моделите на WBAF кои поттикнуваат одржлив организациски развој.“
Директорката на Регионалениот бизнис центар за иновации BIC-SR, потенцира дека голем успех е што ПауерАд од Струмица се најде меѓу првите 50 иноватори во толку голема конкуренција и додаде дека ова е само почетокот на презентирање на македонските иновативни идеи како потенцијал за вложување од инвеститори и можност за раст на македонските претприемачки проектина.
Што е ПауерАд, во светот на ВМРО-ДПМНЕ?
Во ограничениот тесноглед на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, ваков тип на стартапи што имаат огромен потенцијал да прераснат во ретко успешни иновативни бизниси, ПауерАд е ништо повеќе од монета за поткусурување искористена за тесно партиски препукувања во корист на дневно политички пресметки.
Запрепастувачка е „храброста“ на ВМРО-ДПМНЕ, со која секојдневно нè бомбардира со пресови за како тоа младите и успешни луѓе поради немање на визија на сегашната власт ги протерува од државата, а од друга страна, токму се гледа дека ДПМНЕ се тие кои буквално се обидуваат да избркаат од нашата држава бизнис компанија и непосредно сите млади луѓе вработени во компанијата.
Зарем навистина мислат дека оние нивни лицемерни заложби за семејни вредности, пласирани преку силната пропагандна машинерија, која скоро беше илустрирана и со фамилијарни фотографии на многудетни семејства од нивни истакнати членови, ќе им останат непрепознаени дека се само празни зборови и флоскули?
Ако ова е рол-моделот за тоа како ВМРО-ДПМНЕ ќе постапува со успешни фирми и млади претприемачи, ако евентуално некогаш биде во позиција на власт, тогаш не знам кој пример повеќе ни е потребен, за да се убедиме дека алтернативата пресликана во ова сегашно ВМРО-ДПМНЕ е погубно за просперитетот на државата во секој сегмент.
Кој е мотивот на ДПМНЕ да се оцрни еден ваков ретко успешен бизнис модел пласиран од наши млади и способни иноватори и нивна желба за отворање на компанија тука – во нашава земја, навистина немам рационално објаснување, освен секако оној парадоксот и „самоуништувачки опаш“ спомнат во уводниот дел, од кој ова ВМРО-ДПМНЕ не може да се ослободи.
Дополнително: На овој линк, погледнете го видеото од демантот на извршниот директор на ПауерАд Петар Христов, кој говори за инсинуациите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.