Претставници на сириските Курди денеска соопштија дека започнале евакуација на луѓето од бегалскиот камп што е во близина на турската граница. Причината за тоа е, како што наведуваат, „турската инвазија на североисточна Сирија“. Според нив, Турците гранатирале цели во близина на кампот Мабрука, поради што е наложена евакуација.
Сириската опсерваторија за човекови права, со седиште во Лондон, соопшти дека во тек се интензивни судири меѓу сириските Курди и групите предводени од Турција на периферијата на Рас ел Ајин, пренесе МИА.
Кампот Мабрука се наоѓа на 12 километри од границата со Турција и засега не е познато дали има повредени. Околу 7.000 раселени лица живеат во камп Мабрика, кои бегаа пред насилствата на ИСИС врз цивилното население.
Курдите жестоко се бореа против ИСИС, губејќи притоа голем број животи. ИСИС, во знак на одмазда, напаѓаше курдски невооружени цивили. Сега, кога веќе „никому не му се потребни“, на Турција ѝ се „одврзани рацете“ да продолжи со својата милитантна политика против Курдите.
Џ. Д.