пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Време е за преиспитување и одговорност. Кампања со лаги и фалсификати има успех на краток рок, но потоа пропаѓа. Откако еднаш ќе падне еден режим како оној на Груевски, истите лаги не помагаат тој потоа и да се врати. Ни кражбите на слогани и пораки што некогаш беа насочени против режимот не можат да им помогнат. Не сончева, не месечева, како сакаат нека си го наречат дефилето. Секоја лага има рок на траење, колку и да се обидуваат лажговците да ја заштитат со дебели пластови од нови лаги и манипулации.
Често се цитира една изрека во која се вели: „Ако кажеш лага доволно голема и ако постојано ја повторуваш, луѓето на крајот ќе поверуваат во неа“. Се заборава дека овој став најчесто му се припишува токму на Јозеф Гебелс. Произлегува и од ставовите изнесени во „Мајн кампф“ на Адолф Хитлер кој во својата книга зборува за „Големата лага“ за која ги обвинува токму Евреите.
Но, тоа на подолги патеки не е точно. Особено во време на вртоглав технолошки и комуникациски напредок. Се работи за свеста и совеста, поточно за спремноста на луѓето да ги проголтаат лагите, колку и да се големи, или не. Бидејќи, една голема вистина стои наспроти лагите:
Гласно и безброј пати изговорена лага, на крајот, останува само ЛАГА.
Без оглед на тоа дали некој е во опозиција или не е, одговорен е пред јавноста и мора да одговори на сите прашања јавно поставени. Еден од ликовите на чии раменици се наталожија премногу неодговорени прашања е формалниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Тој не одговори на ниедно прашање до сега. Притоа, неговата превртливост станува веќе пословична. Тој ќе остане запаметен по своите политички лупинзи, почнувајќи од односот кон етничките заедници, завршувајќи со стратешките интереси на државата. Последен пример за тоа е лидерската средба на која се донесе решението за предвремени парламентарни избори во април, 2020. Тоа е посебна тема на која треба сериозно да разговараме. Но, за лидерскава прво.
Истиот момент кога партиските лидери излегоа од лидерската средба кај претседателот Пендаровски, Мицкоски продолжи, уште пожестоко, со својата црна кампања. А што се случувало во часовите пред тоа е тотално спротивно на впечатокот кој тој го остава веднаш по средбата.
Од лидерската дознавме неколку детали што беа познати истата вечер кога се одржа. Ги напишав и во краток текст тогаш, а истата ноќ ВМРО-ДПМНЕ демантираше со познатиот патетичен и врескав тон.
Веднаш стана познато дека премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, на средбата реферирал за поддршката што нашата земја ја добила од сите лидери на земјите членки на ЕУ, особено за реформите што се спроведуваат во земјата.
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, му изразил признание за храброста и одговорноста на премиерот за неговата одлука да понуди предвремени избори.
Мицкоски не кажал ни збор за тоа дека реформите не се спроведени, ниту било каква критика, туку имал само пофални зборови и признанија за одговорниот настап на премиерот кој понуди предвремени парламентарни избори.
Сите лидери без исклучок, како што брифираше и претседателот Пендаровски за време на средбата, ја изразиле својата безрезервна поддршка за ЕУ и НАТО перспективите на Северна Македонија.
Веднаш потоа, откривме дека за време на лидерската средба, Мицкоски упорно бегал од избори на 22 декември како што предложил Заев, како најраниот законски возможен рок за одржување предвремени парламентарни избори во земјава. Како одговор на цимолењето на Мицкоски, Заев, покажал самоувереност и брзо се согласил на датумот што го побарал Мицкоски, 12 април.
За овие работи, јавно проговори и генсекот на СДСМ, Љупчо Николовски, кој беше на средбата, заедно со Зоран Заев.
Каков е нагонот на Мицкоски да го заборави своето колку-толку пристојно однесување, останува непознато и сигурно еден ден со тоа ќе се занимаваат експерти од повеќе различни области. Ако не го проголта заборавот во меѓувреме, што е многу поверојатно.
Мицкоски се однесува крајно неодговорно и незрело, што ѝ штети на неговата партија, како и на целата земја. Тој, веднаш по лидерската почна да му издава наредби на партискиот прес центар да демантира написи што се засноваат на факти. Неговите пофални зборови за премиерот Заев не ги одрече во ниедна прилика, но затоа, како ништо да не се случило, продолжи со навреди и ширење омраза.
Валканата пропаганда продолжува, а Мицкоски непрестајно ги хушка партиските ботови и медиумски мегафони да шират невистини и клевети и против оние што изнесуваат факти за неговите различни лица и опачини.
Но, сево ова не би требало да значи обесхрабрување за јавноста да не продолжи со поставување на прашањата, од првото до последното. Почнувајќи од прашањата за финансирањето и линковите меѓу Орце Камчев и ВМРО-ДПМНЕ, тајните средби меѓу Мицкоски и Груевски, средбите со Гајсер, бизнисот со хидроцентралите, улогата во нападот на Собранието на 27 април 2017 година… И последното, што навистина кажал и како се однесувал на лидерската?