Истражувањето е мојот омилен сегмент од оваа професија, ќе рече младата режисерка и актерка Теа Беговска која е вработена како режисер во Драмскиот театар во Скопје. Колку денес кај нас им се дава шанса на младите да истражуваат во својата професија, е прашањето што е голема болка не само во театарот, туку во сите сегменти од живеењето.
Но, велат – квалитетот на крај ќе си го најде патот, а претставата „Актер човек“, што е нејзин авторски проект, е токму тој пат на истражување што млада режисерка како Теа, треба да го помине. Теа Беговска е режисер и актер во претставата, а настапува заедно со актерите Томе Станковски и Даријан Петров.
Беговска, јавноста во Македонија ја препознава и како водителка на емисијата „Културо“. Тоа беше единствената емисија во Македонија која се занимаваше со театарот. Беговска како автор и водител во „Културо“ имаше реализирано интервјуа со многу актери, режисери, театарски работници и театарски критичари од Македонија и регионот. Проектот имаше 200 (двеста) свои различни изданија, но за жал веќе две години не е активен. На програмата на Наша ТВ сè уште одат репризните изданија.
Претставата „Актер човек“ на годинешниот ФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица ја доби награда НЕТА за – Истражување на тајните на актерското мајсторство, а неодамна гостуваше и на Интернационалниот театарски фестивал во Приштина, на кој актерот Томе Станковски доби награда за најдобра машка улога.
За впечатоците од гостувањето со „Актер човек“ на Интернационалниот театарски фестивал во Приштина (Prishtina internatioal Theater Festival), Теа Беговска ќе каже:
Актер Човек е алтеративен проект кој својата премиера ја имаше пред една година, со старата екипа. Кога ќе се сетам како го направивме, за 2 недели и колку силно чувствував дека имам што да кажам заедно со актерите ми се потврдува фактот дека ако немаш што да кажеш, подобро не го кажувај.
Денес „Актер Човек“, со возобновена екипа повторо продолжува да кажува. Убавината на овој перформанс е што секој актер, на свој начин, може да го каже тоа што го чувствува.
Ние драги мои присуствуваме на фестивал кој е пример за професионалост, пречек, однос, и се’ што треба да постои. Треба да учиме од нив!
Беговска вели дека во Приштина достојно ја претставиле државата: „Со проект сработен со нула денари, со три столчиња на сцена и облечени во црно (кој што нашол од дома). Кога пристигнавме сите нè прашуваа – а од кој театар сте вие? Велам – не сме театар – ние така се собравме да направиме претстава. Уште поголеми бевме во нивните очи. Достоинствено и културо се претставивме, не можам да ја објаснам почитта од публиката од целиот тим на фестивалот, реакциите, честитките.“
Теа Беговска говори и за тоа дека оставиле одличен впечаток и е на мислење дека никој од актерите не се почувствувал така до сега после одиграна изведба кај нас.
„На свеченото затворање на фестивалот седиме во публика со Даријан, Томе и Енес и не ни се верува каде сме, на 80 км од Скопје и каква чест им се пружа на уметниците, како сè околу нас е перфектно. Сите од срце се израдувавме кога го прочитаа името на Томе за најдобар актер, во конкуренција со уште десетина колеги, уште по горди бевме.
„Актер Човек“ до сега имаше неколку успеси, никој не ни се јави, на никој не му текна да рече – Абе види ги младиве наши што прават, дајте да им укажеме некаква чест. Во екипата има двајца талентирани млади актери со награди и двајцата, невработени, јас вработена, а не режирам. Но, продолжуваме понатаму! Ова не го кажувам за да се жалиме, напротив, ќе продолжиме да работиме уште повеќе“, истакнува младата режисерка.
Теа Беговска во изјавата за ФРОНТЛАЈН, одговора на прашањето за компарациите, за тоа во кој правец треба да се движиме, што е тоа што недостасува кај нас, кај нашите театарски фестивали, а го имаше во Приштина. Што треба за да ги стигнеме, ако не светските, барем регионалните успешни фестивалски трендови?
За жал немам можност да следам многу, но, еве веќе 7 години по ред го следам МЕСС фестивал во Сарево кое ми донесе огромно искуство и во гледање престави и во запознавање нови луѓе и да видам како перфектно треба да функционира еден фестивал.
Бидејќи темата е фестивалот во Приштина на кој „Актер човек“ учествуваше како претстава во конкуренција, ќе се задржам на тој фестивал. Во суштина ќе кажам многу нормални работи.
Проблемот е што ние се воодушевуваме на нормални работи. Срам ми е, но добро. Има една реплика во „Актер Човек“ која вели: – Мораме да разговараме. Основата на секоја работа што ја правиме, па дури и на нашиот приватен живот е токму тој разговор.
Луѓе, ние мораме да разговараме. Сè започнува од една културна комуникација на ниво која е наш прв впечаток за луѓето со кои разговараме. Еве да тргнам од поканата којашто ја добивме, потпишување на договор, јавување на време за сите технички потреби, за сите приватни и естетски потреби, кои ние не дека ги имавме многу.
Како што реков имаме три столчиња и некоја облека која сме си ја собрале од дома. Се качуваме во кола и доаѓаме. Тоа е тоа. Сè што беше напишано од наша страна во апликацијата до детал беше овозможено, без никаков технички проблем, апсолутно никаков! Стигнувам на автобуската во Приштина, културо ме пречекува кола, љубезно ме носи во театарот. Таму пречек од десет луѓе, секој одреден за посебна задача. Стојам во фоајето и пред мене гледам огромен видео бим со нашиот плакат за претставата. Влегувам на прес конференција која е организирана на врвно ниво. Сите новинари присутни, камери, тројца фотографи, преведувач. Публика која поставува прашања. Од утро до мрак цела организација е тука и секој си ја работи својата работа, ПР им работи како машина, нон стоп се рекламира, се постира, се снима.
Сите луѓе млади, полни со ентузијазам, работат, работат како луди. Доаѓа фотограф кој требаше да ни направи портрети на секој посебно. Тоа им е како традиција, од сите учесници прават портрети и ги урамуваат во театарот. Која чест! Публика воспитана, културна, љубезна.
После претставата се фотографираа со нас, ние во еден момент си помисливме – добро каде сме, што е ова? Уметници бедни, без денар во џеб, мислам, реални да бидеме. Некои наши гостувања едвај си ги овозможивме. Цела вечер беше во наша чест. Културно поканети сите учесници на свеченото затворање, таму сè свети, буквално, радост и насмевки на сите лица. Националната телевизија во Косово присутна да направи директен пренос на целата свеченост. Салонот полн, настап на женски хор кој никого не го остави рамнодушен во публиката.
За време на фестивалот спремиле фотографии, кратки видеа од секоја претстава, портрет од секој што е номиниран. Возбуда и исчекување. Не како кај нас – дојдете вечерва на затворање ќе добиете награда. Тука ништо никој не знаеше. Гледаме номинации, со сите атрибути како што доликува на еден сериозен фестивал. Нè дочекаа и нè испратија достоинствено. Не можам да ви опшишам колку бевме горди што сме таму и што со нашиот перформанс ја претставивме нашата култура. Ние нашето го направивме.
И еве веќе влегувам во сопствената бесмисленост да зборувам за работи како да живееме во палеолит. Не велам дека ние сме неспособни, напротив – многу сме способни. Да престанеме да се жалиме дека нема. Или нека се прави како што треба или ич нека не се прави.
Толку квалитетни луѓе познавам и не верувам во тоа дека ние не знаеме. Би направила фестивал, но, никој нема да ми даде. Ние се бавиме со „на ти го – дај ми го“. А јас не сум дел од тие шеми. Но, добро, не сум научена тоа да ме бутка, напротив, одам напред и такви како мене има многу. За жал повеќето се освестуваат и си заминуваат.
И да престанеме со нашите примитивни предрасуди за луѓе. Можеме само да тркнеме до Приштина и да прифатиме и да видиме како треба, односно да им се поклониме на професионалноста.
Теа Беговска ја завршува изјавата за ФРОНТЛАЈН со апел:
Делувајте, што да кажам. Таму каде што можете, секој во својата област нека се бори, нека делува. Сигурна сум дека и тие имаат милон пречки, но, никој не ги спомнува, едноставно и само – работа!
Претставата „Актер Човек“ наскоро ќе може да се погледне во Скопје – Во чест на публиката, во чест на сите што сакаат да дојдат да ја видат претставата, најави режисерката Теа Беговска.
Јане Ѓорѓиоски