коментира: ЏАБИР ДЕРАЛА
Ако некогаш, за време на режимот, што и не е така одамна, државната антикорупциска комисија на режимот му служеше за заштита на корупцијата, а не за борба против неа, слична улога играше државната антидискриминациска комисија.
Некогашниот состав на Антикорупциска, освен што не отвори ниеден случај за борба против корупцијата, му служеше на режимот и како алатка за пресметка против невладините организации. Поранешниот претседател на Антикорупциска, Игор Тантуровски, ја водеше оваа институција, лојална на Груевски, во војна против невладините.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација што ја водеше Александар Даштевски, а во која членуваат и ликови верни на режимот, служеше како димна завеса во заштита на дискриминацијата, а не за борба против неа.
Затоа, воопшто не е чудно што ни денеска, по долги години нефункционална антидискриминациска комисија, во кои мандатите се истечени, не се донесе решение за избор на нови членови. Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата што ја предводи еден од најистурените играчи на груевизмот во нашата земја, Илија Димовски, кому дел од неговите сограѓани му имаат дадено прекар со името на еден лик познат од Втората светска војна. Илиевски, ни по две и пол години, откако е седнат на местото претседател на оваа важна комисија, не наоѓа време за обнова на оваа важна институција.
Не е чудно, груевизмот ја издигна дискриминацијата на ниво на систем. Неговите војници не можат ни да замислат постоење на вистинско државно тело за борба против дискриминацијата, туку само за нејзина заштита.
Сите права се задржани. УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ.