Monday, 24 February 2020

Како Русија влијае врз српските медиуми

Анкета за перцепциите на граѓаните спроведена од Институтот за европски прашања во септември 2019 покажува дека 23 проценти од жителите на Србија мислат дека Русија е најголемиот донатор на помош во нивната земја. Меѓутоа, Русија, според податоци од Министерството за евроинтеграции, од 2000 година не е на врвот на десетте најголеми донатори во Србија. На врвот на листата е ЕУ со 2,96 милијарди евра помош, а по неа следи САД со 696 милиони евра. Она што генерално се смета дека е причината за ваквата перцепција е распространетоста на медиуми спонзорирани од Русија, чии објави не само што се во согласност со геополитичките интереси на Кремљ, туку и често промовираат погрешни и целосно неточни информации

Овој напис е овозможен преку партнерство со „Транзишнс“ – организација за издаваштво и обуки за медиуми со седиште во Прага.

Анкета за перцепциите на граѓаните спроведена од Институтот за европски прашања во септември 2019 покажува дека 23 проценти од жителите на Србија мислат дека Русија е најголемиот донатор на помош во нивната земја. Меѓутоа, Русија, според податоци од Министерството за евроинтеграции, од 2000 година не е на врвот на десетте најголеми донатори во Србија. На врвот на листата е ЕУ со 2,96 милијарди евра помош, а по неа следи САД со 696 милиони евра.

Она што генерално се смета дека е причината за ваквата перцепција е распространетоста на медиуми спонзорирани од Русија, чии објави не само што се во согласност со геополитичките интереси на Кремљ, туку и често промовираат погрешни и целосно неточни информации. Д-р Прешс Н. Шатерје- Дуди (Precious N. Chatterje-Doody) од Универзитетот во Манчестер го објаснува овој пристап во изјава за украинската организација за проверка на факти „СтопФејк“:

Со мешање на факти и измислици, играјќи си со народните чувства кај странските публики и обидувајќи се да го насочат јавното мислење во една одредена насока која е во служба на московските интереси, тие на систематски начин ги остваруваат геополитичките цели на Кремљ, а така ги дискредитираат и новинарските принципи

Дезинформациите во српските медиуми се особено алармантна тема имајќи го на ум влијанието што го имаат на Балканот. Главниот уредник на скопската новинска агенција „Мета.мк“, Зоран Андоновски, објаснува:

Географската близина, долгата заедничка историја во поранешна Југославија и културните сличности придонесуваат за возвишената слика за Србија, што пак резултира со перцепција дека секоја информација (или дезинформација) што доаѓа од таму треба да се прифати како таква без потреба да се верификува. Српскиот медиумски пазар е многу поголем од македонскиот, медиумските компании се многу поразвиени и економски помоќни, па можат да си дозволат голем број на оригинални публикации, кои пак им импонираат на македонските медиумски работници, особено оние во малите или онлајн „стартап“ портали чија самодоверба е пониска.

Еден пример за ова е порталот за вести и радиостаницата „Спутник Србија“ од Москва. Овие стигнуваат  до пошироката публика што зборува српски јазик во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово и Северна Македонија. Обично произведуваат мешавина од неутрални вести со анализа усогласена со интересите на Кремљ, но според извештајот на босанската организација за проверка на факти „Раскринкавање.ба“, овој портал е главен центар на мрежата за дезинформации на Балканот.

Во поголемиот дел од случаите, колумните и анализите на „Спутник“ содржат примери кои се анти-ЕУ – на пример, неодамнешен напис тврди дека земјите од Западен Балкан „никогаш“ нема да бидат дел од ЕУ. Друг напис вели дека западните сојузи постепено се „распаѓаат“ поради несогласувања меѓу членовите. Понекогаш, тие ја потенцираат теоријата на заговор дека НАТО сака да ја уништи Српската православна црква, а како доказ го наведуваат Законот за слобода на практикување религија донесен во Црна Гора која е членка на НАТО.

Според рејтингот на  „Џемиус Одиенс“, во декември 2019 година веб-страницата на Спутник имала 1.132.547 посетители. Рангиран е на 21 место според читаноста на медиумските портали во Србија, додека исто така емитува содржина на српски јазик преку радиото Спутник.

Засилување на домашниот и регионалниот дострел преку реобјавување

Во 2019 година про-кремљска содржина насочена кон српската публика главно се пренесувала преку руски медиумски платформи како „Спутник Србија“ или преку помалку познатите веб-портали како „Њуз Фронт“ и „Геополитика“.

Печатените медиуми во Србија исто така промовираат слична содржина – два примери се дневните весници „Политика“ и  „Вечерње новости“, а во овој вториот редовно се објавуваат содржини на „Спутник“. Според „Џемиус Одиенс“, онлајн порталот „Вечерње новости“ е петтиот најчитан медиумски портал во Србија – го посетиле околу 15 милиони лица во декември 2019 година.

„Б92“, портал за новости што во минатото беше либерално ориентиран, неодамна, откако се сменија сопствениците, ја промени својата уредничка поставеност свртувајќи се кон Русија.

Новинските агенции како „Танјуг“, сопственост на српската влада, и СРНА, во сопственост на  Владата на Република Српска, српскиот ентитет во Босна и Херцеговина, исто така, објавуваат про-кремљски содржини.

Според српскиот портал за проверка на факти „Раскрикавање“, на насловните страници на три српски таблоиди („Информер“, „Aлo“ и „Српски телеграф“) во 2018 година биле објавени повеќе од 700 лажни или непотврдени вести. Овие лажни или непотврдени вести вообичаено го опишуваат рускиот претседател Владимир Путин во позитивно светло, на пример, тврдејќи дека тој ќе ја „одбрани Србија од Западот“ или дека ќе го „спаси Косово за Србија“.

Насловни страници на српскиот таблоид „Српски телеграф“. Два наслови велат: „Путин е подготвен да влезе во Косово со својата војска“ и „Американскиот хорор план за Косово“. Фото: Зоран Дрекаловиќ / „Истиномер“.
Годишната анализа на „Раскрикавање“ покажа дека четирите таблоиди со најголем тираж имаат објавено над 917 „лажни или неосновани тврдења“ за политички теми во 2019, без темите за забава и спорт.

Повеќето лаги биле искажани на штета на опозицијата и нивните водачи, додека во исклучително позитивно светло биле претставени Александар Вучиќ и рускиот претседател Владимир Путин.

Ризница на лагите во текот на целата година беше и надворешната политика – се пишуваа пофалби за Русија и соработката со неа, додека дежурни непријател, како и секогаш, беа Албанците, косовските лидери и НАТО. Најавите за специјални војни против Вучиќ, штрајковите против него, лажните тврдења за шпионажа и аферата Крушик, исто така беа доминантни теми.

Српските онлајн медиуми служат како извор на вести и забавни содржини за медиумите во соседните земји. Во Северна Македонија, српската содржина се преведува (често со лош квалитет) на македонски, а понекогаш и на албански.

Друг пример се руските списанија за алтернативна медицина кои се печатат во Србија, а се продаваат  низ сите земји од поранешна Југославија. Некои од нив објавуваат и локални изданија на македонски, хрватски и словенечки јазик. Дел од тие публикации користат содржина поврзана со здравјето со цел да го промовираат имиџот на Владимир Путин.

Речиси и да не постои критика кон Русија

Истражувањето на белградскиот Центар за истражување, транспарентност и одговорност (CRTA) покажа дека ЕУ, САД и Кина биле претставени неутрално во сите видови на медиуми во Србија во 2019 година, додека пак НАТО било прикажано негативно светло, а Русија во позитивно.

Резултатите од истражувањето беа ставени на располагање на „Глобал војсис“ пред нивното официјално објавување како дел од партнерството за споделување содржини.

Резултати од истражувањето на CRTA

При ова истражување, „CRTA“ ги мониторираше српските дневни весници („Блиц“, „Информер“, „Курир“, „Вечерње новости“), порталите за вести („Блиц“, „Б92“, „Курир“, „Телеграф“) и ТВ-вестите и утринските емисии (РТС1, „Пинк“, ТВ „Хепи“, „Прва“).

Преку методологијата беа разгледувани не само тонот на текстот и насловот, туку и аголот, фотографиите и припишаната важност и просторот за секој напис или приказна.

Истражувањето исто така открило дека српскиот претседател Александар Вучиќ бил најцитираниот српски функционер во 2019 година, но никогаш не бил цитиран во приказни кои биле негативни кон Русија или Кина. Вучиќ бил цитиран главно на неутрален начин во написите за ЕУ и САД.

Резултати од истражувањето на CRTA

Раша Недељков, програмски директор во CRTA, во изјава за „Глобал војсис“ посочи на привидните противречности меѓу преголемата застапеност на српските претставници во проруската содржина и напорите на српската влада за влез на земјата во ЕУ:

Нашето мониторирање на највлијателните медиуми во Србија покажува дека највисоките функционери, како што се претседателот на земјата, министерот за надворешни работи, министерот за одбрана и премиерот, не биле цитирани во негативен контекст кон Русија или Кина. Сепак, нивните цитати со негативен тон кон ЕУ, САД и НАТО се мошне присутни. Ова не е во согласност со работната програма на српската влада во која се наведува дека главната стратешка цел на Србија е пристапување кон Европската Унија.

Мониторирањето на CRTA утврди дека приватните медиуми со широк опсег, како што се весникот „Блиц“ и телевизиската станица ТВ „Пинк“, известуваат негативно само за ЕУ и САД. Кај нив не постои негативно известување за Русија и Кина.

Српскиот јавен радиодифузен сервис (RТS) објавил повеќе позитивни написи за Русија отколку за ЕУ, а не објавил ниту еден негативен напис за Русија или Кина.

Руските и кинеските државни претставници се многу често цитирани во објави кои се позитивни за нивните земји, додека цитати од државните претставници на САД, ЕУ и НАТО се присутни во неутрални објави.

Пристрасноста присутна во српската медиумска сфера може негативно да влијае врз способноста на српските граѓани да учествуваат во демократскиот процес на информиран и рационален начин, додека непрофесионалните практики во медиумите придонесуваат за ширење на дезинформациите и подалеку од границите на една земја.

извор: Global Voices

 

Next Post