Треба да сме претпазливи и внимателни и не треба да даваме никакви конкретни прогнозирања поврзани со датуми, бидејќи во минатото тоа не функционираше, вели во неделното интервју за РСЕ, Бојан Маричиќ, националниот координатор за европски прашања во Владата.
Тој вели дека условите за преговори се исполнети, а сега останува на одговорноста на ЕУ да донесе одлука. Маричиќ зборува и за новата методологија на ЕУ и за очекувањата на граѓаните во борбата против криминалот и корупцијата.
Господине Маричиќ, дали новата методологија ќе го отежни или олесни процесот на преговори со ЕУ?
Тешко е однапред да се каже каква ќе биде нејзината крајна улога или крајна цел. Она што на почетокот или иницијалната цел на оваа методологија е таа да го олесни, забрза процесот на проширување и да го направи посуштински и пополитички. Тоа значи дека бирократијата ќе има улога, меѓутоа политичките фактори во европските институции, особено државите членки би требало да имаат поголема улога од онаа што ја имаа до сега. Исто така групирањето на политиките, односно на поглавјата во неколку кластери, значи групирање на темите по коишто ќе се разговара, но и нивно меѓусебно поврзување. Очекувам овој процес да ја одблокира сегашната ситуација, којашто е неиздржлива за сите и за државите кандидатки и за државите членки и за европските институции, а како ќе тече во пракса и каков живот ќе и се даде на оваа методологија зависи од актерите, како и за сите досегашни циклуси на преговори за членство.
Колку е значаен Законот за јавно обвинителство за евроинтеграцијата на државата?
Законот за јавно обвинителство, како таков, никогаш не бил поставен како услов за почеток на преговорите со ЕУ, во ниту еден реформи план, а секој чекор што го правиме во насока на зајакнување на правната држава и владеење на правото ни помага и во таа смисла неколку пати беше споменат од неколку пријателски држави, земји членки на Унијата во смисла на продолжување на борбата против корупцијата и организираниот криминал и продолжување на случаите на СЈО пред Суд. Во таа смисла беше значаен и во таа смисла беа очекувањата. Не верувам дека зависи одлуката од овој закон, но ќе биде одлична вест и одличен сигнал дека Република Северна Македонија може и во ваков предизборен период да носи тешки одлуки доколку се работи за иднината на државата во ЕУ.
Целото интервју ТУКА