пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Националистот е затворен човек во своето трло, самодоволен и оној кој цврсто се фатил за култот на сопствената нација што се карактеризира со потценување на правата и вредностите на другите. Ова би била некоја општа дефиниција која трпи корекции, но суштината е дека националистот е човек „слепец“ кој не гледа подалеку од својата етничка и национална припадност и на кој, ако му спомнеш мултиетничко и мултикултура ги пали сите светла за аларм, па е збунет и се прпелка, како да е ѓавол попрскан со света вода.
Данило Киш вели дека национализмот, пред сè, е параноја. Колективна и поединечна параноја. Како колективна параноја, таа е последица на зависта и стравот, а над сè, последица од губењето на индивидуалната свест, па според тоа, колективната параноја не е ништо друго освен збир од индивидуални паранои доведен до пароксизам. Киш смета дека таков – попрскан со света вода, националистот станува човек од акција, народен трибун, привидност на индивидуа. Тоа е поединец без индивидуалност, вели Киш.
Или, националист е општествена нула, чија единствена особина е да умее да пребледи при споменувањето на темите – мултиетничка и мултикултура.
Националистот си црта една голема слика за спас на нацијата и ги запоставува сите други „споредни“ работи што му даваат белег и индивидуалност и што го човечат. Тој си ја запоставува професијата, го запоставува новинарството ако е новинар, често се оддалечува и од семејството, но не е правило како со професијата… тој си гази по индивидуалноста, бидејќи си замислил дека има мисија. Неговиот месијанизам го прави она што е – националист кој, како поединец, по правило, е никој. Надвор од ова националистичко определување тој е нула.
Неверојатно ми е што посегнав по Киш за да го доловам бедотилукот на Кики-Фрикот, но мора да се обрне внимание. Откако пред очите на цела македонска јавност сите досега злобни инсинуации во рекет-поткупот му паднаа во вода,, на кики-фрикот не му преостана ништо друго туку да му држи фонетски лекции на од него „главниот обвинет“ и да се фаќа за неговата граматичка точност, односно да си го прикаже конечно својот тврдокорен национализам.
Па ја истопорил суетата и извртува како некој расипан трабант искачен на да речеме Тримфалната порта и вергла и труби: меша историски контексти, борби за национална слобода спомнува, датуми реди битни за „македонштината“. А она што го кажа „главниот обвинет“ од страна на кики-фрикот, е тоа дека партијата повеќе не му е моноетничка, македонска, ами е мултиетничка.
Зета кики-фрикон, како алфа слуга на националистите, си зел мисија да ја брани македонштината во единствената мултиетничка партија во Македонија која, на задоволство на сите прогресивни граѓани, конечно излегува од партиската моноетничка едноличност и има потпретседатели, градоначалници, пратеници и министри немакедонци. Од што се плаши Кики-Фрикот – од тоа што овие во свои истурени редови имаат секакви етникуми, или неговата маленкост ја плаши тоа што имаат конечно и Aлбанци во иста партија и тоа на најистурените позиции? Фрикон бе, помакедонска од таква една мултиетничка Македонска партија не може да има, тоа тебе во таа врескава труба не може да ти е јасно, ама добро е да си знаеш.
Она што не пресметал Кики-Фрики изгубениот националист (не, тој не е веќе прикриен националист) во својот кусоглед, е тоа дека се обраќа на погрешна адреса. Онаа негова наводна антимакедонска мантра што сака да му ја залепи на човекот, му пали кај зета вмронштината, а никако кај независната интелектуала кон која сака да се обрати и за која добил задача од налогодавачите да ја „подбуцни и пробуди“.
Ех мој кики-фрикон, те заслепила омразата, си заостанал, губиш. Но, може да ти се разбере стравот, не си бил во сличен безизлез до сега. Трубата ти го губи гласот.
Добро знае тој, драги мои, дека и овие сега што го штеловаат, ќе го истрпат уште некој месец и ќе го шутнат. Знае умен тој, дека ќе го шутнат како издишан балон, како петарда што сакала да биде бомба, како неуспешен проект во кој позалудно се надевале дека ќе даде некаков резултат, па затоа прета со последните свирки. Но, не се секирај Кики, мастодонските новинарски Алфа фрикови Мирка, Латас, Миленко енд компанија, ќе ти се секогаш добро друштванце.
Како рече Данило Киш за месијанизмот на националистите – националистот по правило е никој, надвор од ова правило е нула. А, нулата помножена со колку сакаш вмронски налогодавачи е пак нула, нели.
БУ – мултиетничка!