пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Бујар Османи е видно загрижен. Со право. Овој пат, Заев претера.
Овој политичар, Заев, кого новинарот Героски своевремено го нарече Балканскиот Ганди, продолжува со надминување на поделбите по етничка основа и предизборно коалицира со партија на Албанците. Каква дрскост! Како е можно такво нешто? Ова е преседан!
Па ово нема ни у Београду!
Што убаво си беше порано, коалиции се правеа со сите, ама не и со Албанците. Бидејќи, Албанците не може и не смее никој да ги претставува освен партија на Албанците. И тоа не било која партија, туку Али Ахмети и ДУИ. И никој друг!
Во предизборна коалиција можат и смеат да влезат Роми, Турци, Бошњаци, Власи, Срби… Сите! Но, не и Албанци, бидејќи тие се сопственост на Али Ахмети. Па што си мисли оној Заев, како може така? Знае ли Заев дека интересите на Албанците има право да ги застапува само Али Ахмети, дека тоа е бетонирано, во камен издлабено, во бронза излеано, со стиропор заштитено, во десетгодишната братска делба на власта со Груевски?
Али Ахмети, алијас Александар Антиќ, има тапија потпишана од Груевски, дека никој освен тој не смее да владее со Албанците во оваа земја, освен кога тоа право мора, барем повремено, да му го отстапи на потписникот на тапијата. Се разбира, во замена за одредени „ситни“ придобивки за командантите што се во милост на Ахмети. И што се случи со ова прекрасно политичко наследство од режимот? Сега Заев дошол тука да ги ремети „историските“ придобивки на УЧК и ВМРО-ДПМНЕ. Но Заев мора да знае… Сѐ што не е под контрола на Али Ахмети, сето тоа е антиалбанско, анти-Рамковно, анти-Бадинтерско…
Но, Саша не мора да очајува, барем не премногу. Не секаде е подеднакво пристигнат 21-от век…