На 8 март, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за општествените појави и системски недостатоци кои го загрзоуваат нашето постоење како слободни, еднакви, достоинствени и безбедни, оваа година маршираме под слоганот „Ти не си виновна!“
Маршот е организиран со поддршка на Хелсиншкиот комитет на ХЕРА, Центар за поддршка на ЛГБТИ, Women Civic Initiative ANTIKO, Коалиција Маргини, Tiiiit! Inc., Бори се женски, Национална Мрежа Против Насилство врз Жените и Семејно Насилство, Медуза, ЛезФем и Мрежа за заштита од дискриминација, во склоп на Платформа за родова еднаквост.
8 март е ден кога ја славиме секоја борба, секој глас, секој отпор! Поттикнати од случајот „Јавна Соба“ овогодинешниот Марш за женски права, гласно и недвосмислено го посветуваме на жртвите на родово базирано насилство.
Ве повикуваме да марширате заедно со нас со почеток во 12 часот од плоштадот Филип Втори, преку Камениот Мост, Плоштад Македонија до Паркот Жена Борец, каде што ќе го завршиме маршот со перформанс за поддршка на жртвите.





