Општина Штип обезбеди материјал за да се шијат вкупно 20.000 заштитни маски, објави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.
-Веќе од утре неколку штипски компании почнуваат да шијат 6.000 маски, а дополнително разговараме со уште неколку конфекции, коишто ќе излезат во пресрет и ќе продолжат со шиење на уште 14.000 заштитни маски за граѓаните. Овие маски важно е да се знае дека се за повеќекратна употреба и граѓаните можат да ги перат и повторно да ги употребуваат, вели Бочварски.
Тој изрази благодарност до сопствениците на конфекциите „Ларс“, „ВАБО“ и ЕАМ“, кои веднаш прифатиле да ги шијат заштитните маски.
-Овие заштитни маски ќе ги доделиме на здравствените работници, на полицајците, пензионерите, текстилните работнички, со што ќе излеземе во пресрет на сите оние коишто се грижат за безбедноста и здравјето на нашите граѓани, вели Бочварски.
Тој информираше дека до попладневните часови во самоизолација се вкупно 64 лица во Штип, а над 250 се од целиот источен регион. Бочварски посочи дека денеска имал и средба со претседателот на Советот и советници од ВМРО-ДПМНЕ, донесен е заклучок дека треба да имаат почеста комуникација на ниво на советнички групи, а кои ќе комуницираат исклучиво во насока на интересот на граѓаните во овие важни и клучни моменти.
Во наредниот период продолжува дезинфекцијата, а денеска и низ парковите. Во Штип утре нема да има пазарен ден, бидејќи Градскиот пазар е затворен.