Откако Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција излезе со информација дека според Обединетите нации, Владата на Северна Македонија вовела мерки за превенција од корона вирусот кои не се доволно рестриктивни, пристигна и демант од ОН.
Во демантот се вели:
„Организацијата на ОН нема изадено никаква проценка за мерки поврзани со пандемијата предизвикана од новиот корона вирус COVID-19. Ги молиме сите политички партии во Северна Македонија да не го вклучуваат името на Обединетите нации во политички дискусии. Глобално и локално, се соочуваме со заеднички непријател и наша обврска е да работиме заеднички во интерес на нашата заедница, за да ги заштитиме животите на секој нејзин член“.
Николоски на прес конференцијата рече дека, согласно јавно достапните електронски податоци од Обединетите нации кои се собираат преку нивните надлежни агенции, Македонија е карактеризирана во земји кои немаат јасни ограничувања во однос на приемот на лица од други држави.
„Повторувам, Македонија е окарактеризирана во земји кои што немаат јасни ограничувања во однос на приемот на лица од други држави“, потенцираше Николоски.
Сепак, по демантот на Организацијата, очигледен е обидот на ВМРО-ДПМНЕ за собирање на политички поени, дури и во време на криза.