ПРЕМИЕРОТ Спасовски, во интервју за ТВ24 изјави: „Како Влада понудивме првични сет мерки за кои сметаме дека во прв момент ќе и помогнат на економијата и кои се доволни за првиот удар. Мора да разбереме дека во овие услови секој од нас мора да биде солидарен.“
МАНЧЕВСКИ на ФБ: „До Наум Стоилкоски и сите ДПМНЕ-овски ботови: Да, ќе се откажам од платата. Прашање до Наум Стоилкоски: Дали ти ќе се откажеш од ширење лажни вести? Дали ќе покажеш минимум пристојност во вакво време? Јас викам нема шанса. Нема граница колку ниско можете да паднете.“
АВТОБУСИТЕ на ЈСП „Скопје“ од утре ќе почнуваат да сообраќаат од 5 часот со оглед на најновата одлука на Владата за забрана за движење на населението од 21 до 5 часот наместо до 6 како во изминатиот прв ден од полицискиот час.
ВЕЧЕРВА од 21 часот втора ноќ по ред почна полицискиот час односно забраната за движење на граѓаните во ноќните часови како мерка за заштита на населението и справување со корона вирусот.
ВО однос на нашите државјани затекнати во странство, а кои сакаат да се вратат назад во земјава, единствен граничен премин што функционира за излез и влез во РСМ е Деве Баир и таму се поставени службите. Оние кои доаѓаат од странство се носат директно во државен карантин на локации кои се определени за таа цел и за тоа има посебно формирано тело – изјави Спасовски
ВЛАДАТА на Република Северна Македонија на вечерашната седница донесе Уредба преку која граѓаните кои пристигнуваат на граничните премини за влез во земјава ќе бидат транспортирани до државните карантини секој ден во 10 часот и во 20 часот.
БРИТАНСКИОТ премиер Борис Џонсон вечерва изјави дека воведува забрана за движење на национално ниво во обид да се запре ширењето на пандемијата од Ковид-19, јави ДПА.
МИЛАНОСКА: Знаете од каде идат нашите плати, и платите на цела гломазна администрација, така? И да, седиме дома. И не, не по наша волја, сите повеќе би сакале да не се збудалуваме меѓу 4 ѕида, ама така е како што мора да е! Ништо не работи, угостителство на нула, преполовени капацитети ако не и помалку, во скоро сите индустриски гранки, и ние не можеме 2 месеци да се стрпиме?
ВОЈНОСКИ: Ако нејќете сега да се откажете од малку за да не пропаднат еден куп фирми после ќе треба да се откажете од многу повеќе.
ШТИПСКИ доктор: Без разлика на сѐ, јас и понатаму сум доктор на сите граѓани и повторно апелирам, ДА СЕ ПОЧИТУВААТ МЕРКИТЕ И ПРЕПОРАКИТЕ И ДА БИДЕМЕ СЛОЖНИ И СПЛОТЕНИ, зошто само така ќе излеземе од оваа за нас тешка состојба!