Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја обвини Владата и премиерот Христијан Мицкоски за енормно задолжување на државата, тврдејќи дека за само две години е направен нов долг од вкупно четири милијарди евра, соопшти портпаролката на партијата и и членка на ИО Богданка Кузеска на денешната прес-конференција. Таа информираше дека Владата на седница усвоила ново задолжување од 1,3 милијарди евра, со што, според неа, се потврдуваат предупредувањата на опозицијата дека државната каса е целосно празна.
Според Кузеска, оваа власт за само две години генерирала 30 отсто од вкупниот јавен долг од независноста на државата до денес, зголемувајќи го постоечкиот долг од 2,5 милијарди на четири милијарди евра. Опозицијата обвинува дека парите од овие кредити не завршуваат во капитални проекти или мерки за граѓаните, туку се испумпуваат преку криминални партиски тендери во приватни џебови. Од СДСМ предупредуваат дека буџетскиот дефицит континуирано надминува четири проценти од БДП, што е спротивно на законскиот лимит од максимум три отсто, како и дека државата сега плаќа дури 350 милиони евра за камати, за разлика од 120-те милиони кои се плаќале во време на најголемите светски и економски кризи.
Опозициската партија остро реагира и на континуираниот пад на животниот стандард, посочувајќи дека минималните трошоци за едно четиричлено семејство пораснале за 9.000 денари, додека минималната плата се зголемила за само 3.500 денари. Портпаролката ја критикуваше Владата за одбивањето да ја покачи минималната плата на 600 евра, за отсуството на мерки кои би го спречиле неконтролираниот раст на цените, како и за наводните планови за национализација на вториот пензиски столб. Таа заклучи дека граѓаните ја плаќаат превисоката цена за овие политики, најавувајќи дека наскоро оваа криминална група ќе одговара пред институциите.







