Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев потпиша договор за донација во висина од еден милион денари со првиот човек на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски.
Со договорот, што беше потпишан вчера, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги му донира на Министерството за внатрешни работи еден милион денари, кои ќе бидат искористени за набавка на средства и опрема за извршување на активностите на Министерството за превенција, спречување и ширење на корона вирусот.
– Oвој чин на донација од еден милион денари што Министерството ја добива од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во насока на натамошно обезбедување разни заштитни средства за потребите на полициските и други службеници на Министерството е еден одличен пример за меѓусебна поддршка и помагање во реализирањето на заедничките цели за заштита на нашите граѓани и на нашето општество, се вели во соопштението од МВР.
За Министерството за внатрешни работи е значаен овој потег на Агенцијата, не толку заради фактот што, како што велат оттаму, добиваме одредена финасиска поддршка, туку многу повеќе заради фактот што се почитува и вреднува улогата и досегашните напори на полицијата во справувањето со епидемијата.
Станица за технички преглед и регистрација на моторни возила, PSS (Power Sport System) донираше заштитни маски и средства за дезинфекција за за членовите на Македонскиот полициски синдикат.
Исто така, Македонскиот полициски синдикат соопшти дека Станица за технички преглед и регистрација на моторни возила PSS е општествено одговорна компанија и уште еднаш ја покажа својата солидарност. Од Синдикатот информираат дека за потребите на МПС продложува процесот на изработка на заштитни маски за лице во Конфекциите ЕАМ од Штип, Кули од Прилеп, Даниел Кристенсен од Кочани, како и Дуки Дасо од Неготино.
– Компанијата ХИДРОС од Скопје, Арис и Бенто ни од Куманово, Sубекс од Виница, Центрар за возила Струга, Анжи од Тетово и останати фирми кои инсистираат на анонимност поради нивната скромност, во овие тешки мигови кога се соочуваат со загуби се одважија и солидарно самите понудија, можеби мала, но за нас како планина голема помош во заштитна опрема и средства за дезинфекција која на полициските службеници на терен ќе им овозможи непречено и безбедно да работат и да ги извршуваат своите задачи во услови на пандемија, велат од МПС.