Се подигнува монтажна болница со капацитет до 130 болнички кревети до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Со оваа болница клиниката се штити од преоптовареност, а даваме можност на медицинскиот персонал соодветно да ги распореди сопствените ресурси во борбата за превенција и заштита на населението од корона вирус, напиша министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук.
„Деновиве се спроведе вистинска акција со големи човечки напори и одлична меѓуинституционална соработка. Голема благодарност до сите што учествуваа во овој процес!
Со помош на Армијата и нејзината механизација, екипите на ЈП „Улици и патишта“ и инженерите од Проектната единица при Министерството за здравство во рекорден рок го подготвија теренот и овозможија пристап до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за брзо справување со корона вирусот“, пишува во објавата на Филипче.