Се зголемува дневното време на управување со возило на мобилните работници во патниот сообраќај од 9 на 11 часа додека трае вонредната состојба, а дополнително се одложуваат полагањето на испитите и рокот на важење на сертификатите за професионална компетентност на лице одговорно за превоз и возач за учество во меѓународен патен сообраќај, како и за превоз на опасни материи, информираше денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Со цел побрзо реализирање на транспортот, нагласи Сугаревски, Владата донесе уредба за примена на Законот за работно време на мобилните работници во патниот сообраќај и тахографите, која предвидува зголемување на дневното време за управување со возило додека трае вонредната состојба од 9 на 11 часа, а возачите ќе може да возат 5 и пол часа, по што ќе треба да направат пауза од најмалку 45 минути.
– Неделното време за управување со возило во тек на вонредната состојба се зголемува од 56 на 60 часа. Вкупното време на управување со возилото во текот на кои било две последователни недели се зголемува од 90 на 100 часа. Возачите ќе може да возат 5 и пол часа, а потоа ќе треба да направи пауза од најмалку 45 минути. Редовниот дневен одмор за траење на вонредната состојба се намалува од 11 на 9 часа, изјави Сугарески.