Министерот за здравство, Д-р. Венко Филипче, кој на сопствена иницијатива спроведе самоизолација откако беше изложен на корона вирусот заедно со уште неколку владини преставници при посетата на кумановската болница, денес соопшти преку Фејсбук дека вториот негов тест за Ковид-19 е негативен и тој се враќа на вообичаениот начин на работа во Министерството за здравство.
Филипче во статусот на Фејсбук, исто така се заблагодари за поддршката и ја поздрави работата на здравствените установи, Владата и медиумите.
Денеска го добив резултатот од мојот втор тест на КОВИД-19, кој исто како и првиот е негативен на вирусот. Со ова практично завршува мојата 14-дневна изолација. која ја спроведов на сопствена иницијатива и покрај тоа што епидемиолозите не сметаа дека сум во ризик.
Во изминатите две недели сите мои работни обврски ги извршував од изолација и одржував редовни онлајн состаноци со Комисијата за заразни болести, лекарите во здравствените установи, колегите во владата и медиумите и се функционираше беспрекорно. Од денеска продолжувам со вообичаениот начин на работа во Министерството за здравство. Продолжувам да управувам со сите активности на министерството и ситуацијата со корона вирусот во земјата. Им благодарам на сите за поддршката, напиша министерот Филипче на Фејсбук.
А. Н. С