Обезбедувањето на Министерството за здравство утринава викнало полиција зашто вознемирен граѓанин на скалите од зградата со повишен тон барал да се сретне со министерот за здравство Венко Филипче, објави Слободен печат.
Министерот Венко Филипче вели дека не бил нападнат, туку лицето било вознемирено и барало помош.
„Утрово пред Министерството за здравство не бев нападнат, туку граѓанин бараше помош, беше вознемирен заради тоа што имал проблем. Ми рече дека не го примале во болници, па бараше помош. Не дојде до никаков напад, обезбедувањето се вознемирило и повикало полиција превентивно. Граѓанинот дојде со документи и бараше помош за здравствена состојба. Јас го примив, поразговаравме, го упатив каде да оди, му дадов телефон да ме бара и подоцна да видиме што ќе направи во болница.“, напиша министерот Филипче на Фејсбук
Според полициската белешка, утринава во 7 часот и 15 минути од Одделот за обезбедување пријавено е машко лице како седи на скалите пред Министерството за здравство. Од Страна на полициска станица Центар испратена е служба која констатирала дека се работи за лицето А.А. родено 1987 година. Лицето кај себе немало оружје. Лицето се состанало со министерот за здравство разговарале за некој проблем што го имал на една од клиниките и потоа си заминало, стои во полициската белешка за настанот.