Дел први:
Низ годиниве секогаш кога се правело муабет на тема лица со нетипичен развој, особено Даунов синдром, или едноставно потсетување на моето детство, секогаш во тие муабети бил, е и ќе биде застапен еден Аце од населба Пролет. Оние кои живееја таму и оние кои учеа во „11ти октомври“ сигурно го памтат. Едно златно момче со прекрасна насмевка, заразна насмевка.
Аце секогаш беше во друштво на мајка му, секогаш кога поминуваше покрај школото и кога ќе не видеше како играме фудбал, брканица, џамлии или било што во школскиот двор ќе застанеше, гледаше во нас и се смееше. Уште тогаш знаев дека тој беше радосен, но веројатно и малку тажен што ете не може и тој со другите да игра, да биде заедно. Ми оставаше секогаш впечаток на необичен но сепак обичен. Тогаш многу малку знаевме за Даунов синдром и за жал, за огромна жал него го викаа Аце будалата . А Аце беше само некој кој ја чека подадената рака за да биде во нечие друштво, некој го го сака животот но не во самотија.
Завршив основно, се преселивме од Југодрво во Кисела вода и оттогаш не го видов.
Дел втори:
Заради ова вирусиштево вештерско кое на притисна секојдневно одам на терен, куќи, станови. Вчера налозите ме одведоа во еден дом за стари лица. Облечен како космонаутот ги дочекував еден по еден дедовците и бабите, жителите на домот.
Во еден момент доаѓа негувателката со постаро лице и наеднаш – блесок. Наеднаш срцево ми се разигрува, мислам дека ќе ми излезеше од радост, наеднаш доживувам таква адреналинска радост небаре сум слетал на некоја планета така облечен.
Го гледам Аце пред мене со истата незаборавна насмевка.
Да. Оној Аце кого го нема видено 30 и повеќе години. Не можам да ви ја опишам мојата радост што го видов. Дури едната од вработените ме примети и и реков: „Верувајте, јас не можам да ви опишам што чувствувам, какви убави и пријатни емоции имам што го видов Аце, тој е врежан дел од моето детство“.
Мислам дека солзи ми дојдоа на очите, не знам, иако веројатно додека го гледав како мал дали 1-2 збора сме врзале ама како да се поврзав со него. Ејјјјјј, Аце го видов ?
Откако починала мајка му Аце е во домов, речиси 12 години. Сега има околу 60-тина години, добро се држи, секој ден во 12 си пие една капка ракија во чаша вода, ама вработените викаат дека тој ритуал му е секојдневен и никако не го пропушта. Срце е, сите го сакаат.
Дел трети:
Аце, да си ми жив и здрав уштте 100 години. Моето космонаутско одело ме спречи да те изгушкам најсилно, но ти ветувам дека штом помине сево ова ќе дојдам кај тебе да те прегрнам и иако не пијам ракија во 12 ќе испијам една со тебе.
Најкосмонаутски гуш и бац за Аце прекрасниот кој и ден денес ја има истата насмевка која ја памтам.
Живели!