Денеска го одбележуваме 24 Мај, Денот на сесловенските просветители и учители или Ден на светите солунски браќа Кирил и Методиј, основачите на првата словенска азбука – глаголицата.
За тоа колку достојно ги чествуваме Кирил и Методиј, дали во земјава се грижиме за македонскиот јазик и колку го негуваме, за зачестените оспорувања на македонските национални атрибути, собено на јазикот, универзитетскиот професор Људмил Спасов за МИА вели дека не се грижиме доволно за македонскиот јазик, но го истакна како позитивен примерот дека во многу земји во Европа и пошироко во светот, особено во Австралија, македонската дијаспора, односно децата мораат да го учат македонскиот јазик како дел од нивната култура.
Договорот со Бугарија, според Спасов, е многу важна работа и покрај несогласувањата за некои прашања. Негирањата, вели тој, не се нови, траат во континуитет и се обновуваат. Најголемиот проблем Спасов го гледа во „митот што се градел со децении дека Бугарите се главниот словенски народ на овие простори“. Тој вели дека не треба да ја поништиме македонската историја, и тие да ја поништат бугарската, туку напротив да ги извадиме позитивните нешта, а, како што нагласува, има многу позитивни нешта што овие два народа ги врзуваат.
Професорот Спасов вели дека е голема честа што сме на некој начин наследници на Св. Кирил и Методиј и според него треба оваа нивна традиција и натаму да ја негуваме.